Ај едно вакво и во Македонија ве молам
И покрај чудниот изглед, овој автомобил би бил многу покорисен од роботаксијата.Црното возило со чуден изглед ќе се види на патиштата во северен Лондон, каде што ќе се движи со темпо на полжав и ќе биде исклучително корисно во својата работа. Имено, ова возило има способност да детектира пукнатини и дупки на асфалтот и целосно автономно да ги поправа.
Чудните пропорции и аголниот дизајн многумина ги поврзуваат со “Cybertruck” на “Tesla”, додека љубителите на научната фантастика ќе го поврзат со “Blade Runner”. Во секој случај се работи за возило кое ќе предизвика голем интерес. Неговото име е “ARRES PREVENT”, што наводно не се однесува на богот на војната од грчката митологија, туку е кратенка за “Autonomous Road Repair System”. Како и да е, возилото е создадено во соработка помеѓу Универзитетот во Ливерпул и технолошката компанија “Robotiz3d”.
“АРРЕС” е опремен со систем за автономно управување, но и со роботски систем за поправка на асфалтната површина. Возилото може да се контролира од далечина, но целата поента на проектот е да се развие нешто што може автономно да врши поправки на патишта 24 часа на ден.
Проектот започна во 2020 година, а моментално се тестира во реални услови. Се планира и развој на поголемо возило, но откако ќе се усоврши целиот систем на управување и санација на површината.
„Посветени сме на нашата мисија да помогнеме во изградбата на безбедна и одржлива патна инфраструктура преку интелигентно и автоматизирано одржување и поправка“, изјавил Себастиано Фичера, ко-основач и директор на “Robotiz3d”.
„”ARRES Prevent” е дизајниран за автономно извршување на задачи за запечатување дупки со комбинирање на револуционерните карактеристики на “ARRES Eye”, нашето најсовремено решение за патна инспекција со вештачка интелигенција, со најсовремена роботика и беспилотна мобилност за проактивно намалување бројот на дупки на патот“, објаснува Фишер.
Во секој случај тоа е возило кое би имало многу работа и на нашите патишта.