АвтомобилиПопуларно

Бизарно, но вистинито: Volkswagen минатата година продаде повеќе колбаси отколку автомобили

Германската автомобилска индустрија се соочува со големи предизвици, но изгледа дека Volkswagen најде алтернативен извор на приход. Германскиот автомобилски гигант минатата година го собори сопствениот рекорд во продажба на колбаси, а во исто време забележа пад во продажбата на возила, според најновите податоци.

Во 2024 година, Фолксваген продаде неверојатни 8,5 милиони порции колбаси во своите мензи, киосци и супермаркети низ Германија. Оваа бројка е за околу 200.000 повисока од претходната година, што исто така беше рекорд.

Од друга страна, продажбата на возила со логото на Фолксваген запре на само 5,2 милиони примероци, што јасно покажува дека компанијата продала значително повеќе колбаси отколку автомобили од својата примарна марка.

Иако звучи неверојатно, оваа информација сведочи за две сосема различни работи – култниот статус што го има германскиот каривурст во националната кујна и сериозната криза што ја погодува германската автомобилска индустрија.

Падот на профитот и глобалните предизвици за поранешниот автомобилски лидер

Фолксваген објави и финансиски резултати кои покажуваат драстичен пад на добивката од дури 30 отсто и покрај зголемувањето на вкупниот промет на 345 милијарди евра. Заработката од 12,4 милијарди евра претставува алармантно низок резултат за компанија од оваа големина.

Главните причини за овој пад вклучуваат значително намалување на продажбата на кинескиот пазар и големи инвестиции во нови проекти, како што е фабриката на Audi во Брисел.

Кога ќе се пребројат сите марки кои припаѓаат на концернот Фолксваген (Шкода, СЕАТ, Ауди, Порше, Ламборџини), продадени се вкупно девет милиони возила, што е сепак повеќе од бројот на продадени колбаси. Но, и таа вкупна бројка е намалена за 2,3 отсто во однос на претходната година.

Уште поалармантна е најавата на компанијата на крајот на минатата година дека планира да укине 35.000 работни места во Германија до 2030 година. Ова е прв пат во историјата автомобилскиот гигант да отпушти работници, што предизвика масовни протести од вработените и политичарите.

И покрај сите турбуленции, вработените имаат право на бонус од 4.800 евра за минатата година според колективниот договор, кој ќе го добијат околу 120.000 работници во Германија. Раководството на компанијата најави намалување на приходите за околу 11 отсто оваа и следната година.

Каривурст, култна улична храна во Германија која се состои од колбас со специјален кечап и кари, стана заштитен знак на Volkswagen од 1973 година кога компанијата го започна своето производство. Овој колбас има дури и свој производствен број (199 398 500 А), исто како и секој автомобилски дел.

Кога Фолксваген пред неколку години го повлече каривурстот од една од своите мензи, предизвика толку големо медиумско внимание што во целата приказна се вклучи и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, потсетувајќи дека овој колбас е „работничка чоколада за сила“.

Компанијата објави дека планира да воведе нови видови колбаси во своите мензи и супермаркети, пред се во Долна Саксонија, германската покраина каде што се наоѓа Волфсбург, седиштето на компанијата.

Додека германската автомобилска индустрија, некогаш извозниот мотор на целата економија, продолжува да се соочува со се посилна конкуренција, особено во секторот на електрични возила, и глобалните тензии, како што се тарифните војни што повторно ги иницираше Доналд Трамп, барем за љубителите на каривурст, нема простор за грижа.