Автомобили

Дали претерале? Google развива систем кој ќе ја преземе контролата над вашиот автомобил доколку сте лош возач

Google неодамна поднесе патент за систем кој може да ги препознае „лошите“ возачи и да преземе мерки врз основа на нивното однесување зад воланот. Оваа технологија би следела различни параметри за возење, како што се брзината, забрзувањето, свиоците и ненадејното сопирање, за да процени колку е безбеден возачот.

Развиен како дел од проектот Waymo, патентот опишува софтвер способен да ги анализира податоците за возењето, да идентификува „неправилно“ однесување и евентуално да преземе мерки.

Врз основа на овие податоци, системот може да го предупреди возачот за опасни дејствија, како што е ненадејно менување лента без означување, па дури и да испрати предупредување до возилата во близина да обрнат внимание на возачот за кој системот смета дека вози небезбедно. Во екстремни случаи, системот може да ја преземе контролата над возилото одреден временски период, што покренува сериозни прашања за приватноста и контролата на возењето.

Патентот предвидува помалку радикални мерки, како што се визуелни и звучни предупредувања кои го потсетуваат возачот да вози повнимателно. Друг интересен аспект на овој систем е тоа што може да го „научи“ специфичниот стил на возење на секој поединец и да го користи како основа за препознавање необично однесување.

На пример, ако системот забележи дека возилото често скршнува или „лута“ во лента без стандардни предупредувања за напуштање лента, може да го предупреди возачот за потенцијална опасност.

Додека патентите често се само начин да се заштити идејата и не мора да значи знак дека некој производ доаѓа наскоро, концептот покренува голем број прашања за иднината на возењето.

Технологијата што ќе им овозможи на автомобилите да проценуваат за безбедноста на возачот и да преземаат одредени активности, во далечна иднина би можела да го промени односот помеѓу возачот и автомобилот.

Можеби еден ден автомобилите ќе ги „поправат“ возачите кога ќе влезат во остри кривини побрзо отколку што треба, додека возачите може да сметаат дека таквото однесување е сосема нормално и неопходно за безбедноста на патиштата.