Еве го евтиниот “Volkswagen” на струја: Ќе чини само 20-тина илјади евра
“Volkswagen” го претстави концептот на своето ново електрично возило под името “ID. EVERY1”, кое го најавува пристигнувањето на достапен “EV” модел на пазарот до 2027 година.
Целта на компанијата е да понуди поевтина алтернатива за електричните возила, со цена од околу 20.000 евра, што би го направило еден од најдостапните модели во својата класа.

Со оглед на забраната за продажба на нови возила со “SUS” мотори, “Volkswagen” се обидува да ги предвиди потребите и желбите на идните купувачи. Изгледа дека одговорот лежи во моделот “ID. EVERY1”, кој ќе стане дел од “ID” семејството на електрични возила.
Иако концептот е веќе претставен, производството нема да започне пред 2027 година.

“ID. EVERY1” ќе биде помал и подостапен од неодамна претставениот “ID. 2all” концепт, кој најавува пристигнување на моделот “ID. 2” во 2026 година. Со должина од 3.880 mm, “ID. EVERY1” е приближно со исти димензии како “Hyundai Inster” и “Honda e”, но сепак нуди доволно простор за четири возрасни лица и простран багажник.
Дизајнот на “ID. EVERY1” го носи препознатливиот “Volkswagen” стил, со карактеристичен преден дел и мазни линии. Сепак, сериската верзија што ќе пристигне на пазарот во 2027 година веројатно нема да ги има луксузните детали како 19-инчни алуминиумски фелни или скриени рачки на вратите.

Во однос на перформансите, “Volkswagen” сè уште не ги откри сите детали, но потврди дека “ID. EVERY1” ќе има еден електромотор со моќност од 94 коњски сили и досег од околу 250 километри. Се претпоставува дека автомобилот ќе биде опремен со батерија со капацитет од околу 40 kWh.
Со овој модел, “Volkswagen” има за цел да ја прошири својата понуда на електрични возила и да ги направи подостапни за пошироката јавност. Овој мал и евтин електричен автомобил би можел да стане клучен играч на пазарот на достапни “EV” возила.


