Автомобили

Европската унија воведе дополнителни царини за кинеските електрични возила

Откако пазарот за автомобили почна да се преплавува со кинески возила, европската комисија одлучи дека следните четири месеци царина од 17,4 отсто ќе важи за електричните автомобили BYD, 19,9 отсто за автомобилите Geely и 37,6 отсто за SAIC.

Европската комисија воведе привремени дополнителни царини за увоз на електрични возила на батерии од Кина поради, како што се наведува, „нефер“ субвенции за производителите.

„Девет месеци по покренувањето на истрага против субвенционирање по службена должност, Европската комисија воведе привремени компензаторни давачки за увозот на електрични возила на батерии од Кина“, се наведува во соопштението.

Врз основа на истрагата, комисијата заклучи дека кинеските производители на електрични возила со батерии „користат неправедни субвенции што може да доведат до економска штета на производителите на електрични возила во ЕУ“. Во текот на истрагата беа испитани веројатните последици и ефект од тие мерки врз увозниците, корисниците и потрошувачите на електрични возила во ЕУ.

Комисијата ги наведува поединечните тарифи што ќе важат за трите кинески производители од примерокот. Така, на електричните автомобили BYD ќе им се плаќа царина од 17,4 отсто, на Geely 19,9 отсто, а на SAIC 37,6 отсто.

Другите производители во Кина, кои соработуваа во истрагата, но не беа вклучени во примерокот, подлежат на пондерирана просечна царина од 20,8 проценти. Царината за другите фирми кои не соработуваат изнесува 37,6 отсто, информираат од Комисијата.

Мерка која ќе трае четири месеци

Овие привремени давачки, објаснуваат од Комисијата, се нешто пониски од најавените на 12 јуни, а се засноваат на „коментарите за точноста на пресметките доставени од заинтересираните страни“.

Европската комисија претходно најави дека има намера да воведе привремени царини за увоз на електрични автомобили од Кина, а тогаш се споменуваше опсег од 17,4 до 38,1 отсто, наместо досегашните 10 отсто.

„Ќе се применуваат привремени такси за најмногу четири месеци. Во тој период мора да се донесе конечна одлука за данок, со гласање на земјите-членки на ЕУ“, наведуваат од Комисијата, посочувајќи дека откако таа одлука ќе биде усвоена, ќе се применува пет години.

Комисијата посочува дека консултациите со кинеската влада се интензивирани во последните недели по размената на мислења меѓу извршниот потпретседател Валдис Домбровскис и кинескиот министер за трговија Ванг Вентао.