Знаете ли колку заработуваат директорите на автомобилските компании? Ѕирнете во вртоглавите бројки
Шефот на “Mercedes”, Ола Калениус, на насловната слика погоре со неговата сопруга, речиси го удвои својот надомест минатата година благодарение на високите исплати на бонуси.
Претседателот на автомобилскиот производител со седиште во Штутгарт заработил 12,74 милиони евра минатата година, вклучувајќи ги и трошоците за пензија, според извештајот за компензација објавен во петокот. Тоа 80 отсто повеќе отколку во 2022 година.
Две позиции, една плата
Калениус има една од највисоките заработувачки меѓу извршните директори на 40-те најдобри германски компании и исто така заработува повеќе од шефот на “Volkswagen”, Оливер Блуме. Имено, тој за двојната улога на чело на две компании VW и “Porsche” заработил 9,71 милиони евра.
Фактот дека скокот на Келениус e толку висок се должи на неколку фактори. Неговата основна плата во “Mercedes-Benz” беше зголемена минатата година, откако менаџерските плати не беа зголемени од 2018 година.
Променливите бонуси се зголемија бидејќи беше исплатена долгорочната програма за стимулација, која трае од 2019 година, и беа надминати целите поврзани со приносите и готовинскиот тек.
Оливер Зипс, извршен директор на “BMW”, би можел да се налути, бидејќи со 5,3 милиони годишни приходи е награден значително помалку од неговите колеги.
Сепак, сето тоа е „малку“ кога ќе ја видите заработката на првиот човек на Стелантис. Карлос Таварес заработил 36,5 милиони евра што е зголемување од 55,6% во однос на претходната година.
Бонус за електрификација
Стелантис му плати на Таварес скоро 23,5 милиони евра во готовина и капитал, вклучително и бонус од 10 милиони евра за исполнување на три пресвртници за електрификација.
За Тојода 999 милиони јени
Најплатениот јапонски менаџер ја предводи Тојота. Акио Тојода добил вкупно 999 милиони јени (6,9 милиони евра), што е за 46% повеќе од претходната година. Сепак, дури 735 милиони јени од таа бројка дојде од опциите за акции.
Јапонската новинска агенција “Џиџи прес” објави дека тоа е најголемата исплатена бројка во историјата на јапонскиот производител на автомобили. Само за споредба: извршниот директор на Honda, Тошихиро Мибе е платен 2,3, а извршниот директор на Nissan, Макото Учида, 4,5 милиони.
Во САД, извршната директорка на Џенерал Моторс, Мери Бара, заработила најмногу. Таа заработила 29 милиони долари годишно, што е зголемување од 34% во последните четири години. Во интервју за “CNN”, Бара ја бранела својата висока заработка.
Бара рекла дека 92% од нејзината плата се заснова на перформансите на компанијата и дека компанијата нуди споделување на профитот на своите вработени. Значи, според нејзината логика, колку е подобра компанијата, толку повеќе пари заработуваат сите.