Маск: Активиравме „чувар“ во сите тесла поради вандали
„Sentry Mode“ ги користи камерите и сензорите на автомобилот за откривање и снимање на сомнително однесување во околината.
Компанијата Тесла ги зголеми безбедносните мерки во продажните сали по бранот вандализам и протести насочени против Илон Маск и компанијата, изјави самиот Маск, кој е и советник на претседателот Доналд Трамп.
„Компанијата го зголеми нивото на безбедност и го активираше „Sentry Mode“ на сите возила во продавниците“, објави Маск на платформата X.
Што е „Sentry Mode“?
„Sentry Mode“ ги користи камерите и сензорите на автомобилот за откривање и снимање на сомнително однесување во околината.
Прирачникот за Model 3 вели: „Sentry Mode е интелигентен безбедносен систем кој ве предупредува за можни закани во близина“.
Тесла објави дека секој нејзин автомобил има најмалку седум камери.

Автомобилите на Tesla се цел на напади
Во последниве недели, вандали ги нападнаа дилерите на Tesla, магацините за возила, полначите, но и приватните автомобили низ САД и во некои други делови на светот.
Покрај тоа, компанијата Тесла беше исфрлена од меѓународниот саем за автомобили во Канада од безбедносни причини.
Полицијата во Онтарио истражува серија напади во кои беа оштетени речиси 80 возила – автомобили беа изгребани и дупнати гуми.

Тројца Американци обвинети за „домашен тероризам“
Тројца Американци сега се соочуваат со федерални обвиненија во врска со нападите врз објектите на Тесла во три американски сојузни држави, објави јавниот обвинител Пем Бонди.
„Ако се придружите на овој бран домашен тероризам против Тесла, Министерството за правда ќе ве испрати зад решетки“, рече Бонди.
Овие напади доаѓаат во време кога Маск го предводи Одделот за владина ефикасност (DOGE), чија задача е драстично да ги намали владините трошоци.
За време на првиот мандат на Трамп, неговите хотели и имоти беа честа цел на протести. Сега, во вториот мандат, се чини дека компанијата Тесла ја презеде таа улога.
Маск продолжува да ги води Tesla, X, SpaceX и други, додека го советува и претседателот Трамп.