АвтомобилиПопуларно

Прв случај во Европа! Тргна автономниот воз – машиновозачот служи „за украс“

Првиот автономен воз во Европа, EDITA, официјално започна да сообраќа во регионот Јичина во Чешка.

Производителот “AŽD Praha” официјално го пушти во употреба автономниот воз на отворена пруга во петокот, а бидејќи законодавството сè уште не дозволува целосно автономно возење без персонал, внатре сè уште ќе има возач – сепак, тој ќе го надгледува само патувањето помеѓу станиците.

За прв пат во редовен сообраќај со патници возот ќе тргнува за време на викендот на 5 и 6 април.Потоа возот со кој наместо машиновозач ќе се движи со технологија, ќе сообраќа до почетокот на октомври за време на уште четири одбрани викенди, како и две недели за време на летниот распуст.

Возот е опремен со екрани кои прикажуваат довод во живо од камерите и LiDAR сензори поставени на локомотивата. Овие сензори детално ја снимаат околината, ги мерат растојанијата и го мапираат теренот.

За време на автономното возење, машиновозачот нема да управува со возот од стандардно седиште, туку ќе ја следи безбедноста на патниците од контролната област во внатрешноста на возот, за да може веднаш да реагира и да го запре возот во случај на било каков проблем. Според AŽD, автономниот воз претставува технолошка револуција во железничкиот сообраќај, пишува чешкиот веб-сајт “Echo24”.

„Патниците веќе се запознаени со возовите без машиновозач во странство, но тие секогаш патуваат во затворени ходници меѓу огради, во тунели и слично. Сепак, автономниот воз на пруга каде што има железнички премини и каде може да се случат непредвидени ситуации е револуционерна иновација во Европа“, велат од компанијата.