Автомобили

Римац: Bugatti распродаден до 2030 година, една Nevera R е веќе продадена

Мате Римац ја претстави новата “Nevera R” во кампусот Римац и на локалните новинари им даде малку подобар вовед во работењето на Rimac Automobile.

Како што рече, компанијата Римац Технолоџи во моментов има договори во вредност од 2,9 милијарди евра, а дополнителни проекти кои се преговараат исто така се во вредност од околу три милијарди евра.

„Ние работиме со некои од водечките производители на автомобили, како што се BMW, Porsche и Hyundai. Во своите почетоци, Rimac Technology развиваше и произведуваше технологија за мали, ограничени серии на автомобили, но сега влезе во фаза на големо производство. “ изјави Римац.

„Од друга страна, во Bugatti Rimac работиме на развој на некои од најнапредните автомобили на денешницата. Продадовме хиперавтомобили во вредност од две милијарди евра, чие производство е веќе во тек или ќе започне наскоро“, додаде тој.

Како што појасни, има три фирми кои се јасно разделени.

“Bugatti Rimac, каде што ги правиме најинтересните и најмоќните и најскапите автомобили во светот, потоа Rimac Technology, која работи на технолошки системи за други производители, но и за нас. А третата компанија е Verne, нашето роботско такси.” изјави Римац.

„Сè уште сум најголем сопственик со удел од 23 отсто. Секогаш кога влегуваат пари во компанијата, секако дека мојот удел паѓа. Имаме повеќе од 800 милиони евра странски инвестиции во компанијата, но сепак сум најголемиот сопственик, со Porsche и SoftBank“, објасни тој.

Bugatti Tourbillon од 2026 година

На крајот на јуни беше претставен Bugatti Tourbillon, како што велат, најочекуваниот луксузен автомобил на годината, кој е распродаден во 250 примероци, а испораката ќе започне во 2026 година.

Тоа е првиот модел на Bugatti кој е целосно дизајниран и развиен во рамките на новата компанија под раководство на Матео Римац, а дизајнот се врши во Хрватска, заедно со подружницата во Берлин, како и комплетно истражување и развој и производство на компоненти и прототипови, додека склопот на автомобилот се наоѓа во „родното место“ на Bugatti во Франција.

„До 2029, 2030 година сме распродадени со Bugatti. Значи, не може да се купи“, истакна Римац.

Како што додава Римац, испорачани се 39 Невери

„Bugatti е многу силен бренд со силна традиција и е распродаден. Со Nevera ние сме нов бренд, но без Nevera немаше да има ниту Bugatti ниту Rimac. Веќе ја продадовме првата Nevera R, се надеваме дека ќе полета и тоа е ограничено на 40 парчиња“, рече Римац.