Совршениот автомобил за во Македонија: Овој кинески автомобил скока дупки на патот (ВИДЕО)
Посебен систем за суспензија го лансира возилото преку дупката, а скокот наводно е долг преку 6 метри. Ваквите возила се створени за македонските улици!
BYD објави видео на кое се гледа суперспортскиот автомобил Yangwang U9 како вози без возач и прескокнува различни препреки, вклучувајќи дупки полни со вода и шила на патот.
Yangwang е премиум електричен бренд на BYD, а U9 е вториот модел во гамата, по U8 SUV. Моделот U8 го привлече вниманието на јавноста бидејќи може да лебди по вода, додека U9 користи т.н Disus X суспензија и хидрауличен систем кој му овозможува на автомобилот да скока, па дури и да „танцува“.
Сега, маркетинг експертите на BYD ги подигнаа работите на следното ниво, објавувајќи видео од Yangwang U9 како вози без возач на тест патека со брзина од 120 km/h.
Првата пречка на која наидува е дупка широка 2,5 метри, исполнета со вода. Кога EV се приближува, суспензијата го лансира возилото преку дупката, а се вели дека скокот е долг преку 6 метри.
Следната пречка е поле со шила високи околу 3,5 сантиметри. Како и во претходниот случај, системот за суспензија Disus X му овозможува на U9 да ја надмине и оваа пречка.
BYD не објави детали за тестот, како на пример кој ADAS (напреден систем за помош на возачот) е користен. Многумина веќе коментираат дека овој кинески модел изгледа како да е излезен од филм за Џејмс Бонд.
За потсетување, Yangwang U9 беше лансиран во февруари 2024 година по цена од 230.000 долари во Кина. Масовното производство и испораките започнаа шест месеци подоцна, во август.
Автомобилот го придвижуваат четири електромотори со вкупна моќност од 960 kW (1.287 КС) и максимален вртежен момент од 1.680 Nm. Од 0 до 100 km/h забрзува за 2,36 секунди, додека четвртина милја поминува за 9,78 секунди.