Автомобили

Тесла се соочува со нов предизвик: Шесто повлекување на Cybertruck за само една година

Електричниот Cybertruck, производ на американскиот гигант Tesla, се соочува со уште едно повлекување, шесто по ред од неговото лансирање пред само една година.

Новото повлекување опфаќа 2.431 модел од 2024 година, произведени од 6 ноември 2023 до 30 јули 2024 година. Проблемот е идентификуван во погонскиот инвертер, клучен дел од возилото што може да предизвика сериозни проблеми при возењето.

Според извештајот на компанијата, проблемот настанува кога инверторот ќе престане да произведува вртежен момент, што на возачот нема контрола над забрзувањето, предизвикувајќи потенцијално губење на погонот. Овој вид на дефект може значително да го зголеми ризикот од несреќа, особено во ситуации кога е потребно брзо забрзување или реакција.

Ова повлекување е различно од претходното во октомври кога Tesla мораше да повлече 27.185 Cybertruck возила поради доцнење во прикажувањето на сликата од задната камера, што може да ја наруши видливоста на возачот. Иако тој проблем беше решен со едноставна безжична надградба, тековниот дефект бара физичка замена на инвертерот на погонот. Тесла најави дека поправката ќе биде бесплатна за сопствениците на погодените возила.

Проблемите на Cybertruck не завршуваат тука. Дополнителни повлекувања беа забележани во текот на годината, вклучително и едно во април поради „леплива“ педала за гас, како и повлекување во јуни за да се поправат лабавите делови и неисправните бришачи.

Серијата од овие технички потешкотии покренува прашања за веродостојноста на стандардите за производство на Cybertruck и Tesla во однос на овој револуционерен модел кој предизвика голем јавен интерес.