Автомобили

Три автомобилски гиганти дадоа по милион долари на инаугурацијата на Трамп, дали тоа ќе им помогне?

За овој свечен настан возила донираат и Форд и “General Motors”.

Форд и General Motors (GM) најавија дека ќе учествуваат во организирање на церемонијата на инаугурација на новоизбраниот претседател Доналд Трамп следниот месец. Овие компании, заедно со Тојота, донираа по еден милион долари за настанот, а Ford и GM исто така ќе учествуваат со своите возила.

Не е невообичаено претседателите да бараат донации за прославите на инаугурацијата. На листата на донатори за инаугурацијата на претседателот Џо Бајден во 2021 година беа вклучени компании како Гугл, Мајкрософт, Боинг, Фајзер, AT&T, Убер и други.

Бајден собра околу 61 милион долари за настанот, кој се одржа за време на пандемијата. Во 2017 година, Трамп собра 106,7 милиони долари за неговата прва инаугурација.

Автомобилската индустрија може да доживее значителни промени во политиката со доаѓањето на новата администрација. Трамп се закани дека ќе воведе царини за увоз од Мексико, Канада и Кина, што може да влијае на производителите на автомобили кои произведуваат возила во северноамериканските земји и пошироко.

Има информации и дека Трамп планира да го прекине федералниот даночен кредит за електричните автомобили.

Според извештајот на Ројтерс, извршниот директор на Форд, Џим Фарли, претходно овој месец изјавил дека верува дека администрацијата на Трамп ќе биде „заинтересирана за гледиштето на Форд“ за потенцијалните промени во политиката.

Извршниот директор на GM, Мери Бара, пред неколку недели изјави дека чувствува дека целите на компанијата и администрацијата на Трамп се „многу усогласени“.

Сепак, таа призна дека се уште се очекуваат промени.