[ФОТО] Некој адвокат ќе си ја реновира куќата поради овој автобус
Многу западни брендови постојат толку долго што можат „сами од себе“ да црпат идеи за нови модели, варијации или модерни интерпретации на класиката. Кинезите, пак, го немаат тој луксуз – затоа често копираат, како во овој случај.
Станува збор за моделот Skyworth Summer, ретро-футуристички минибус што изгледа како директно изваден од гаражата на Volkswagen од 1950-тите. Толку потсетува на стариот VW Type 2, што можеби дури повеќе личи на оригиналот отколку самиот нов VW ID. Buzz.
Благодарение на кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија (MIIT), објавени се официјални фотографии од моделот Summer – и тешко е да се игнорираат сличностите со „Германецот“: заоблен покрив, прозорци во стилот на старите комбиња, како и едноделното ветробранско стакло со карактеристичен „набор“ во средината, што веднаш потсетува на легендарниот „splittie“.

Јасно е дека Skyworth не се обидува само да потсети на Type 2, туку отворено го пресоздава. Деталите се менувани, секако, но основната форма е речиси идентична.
Skyworth Summer располага со plug-in хибриден погон, и тоа со интересна комбинација: 1.5-литарски бензинец со 154 коњски сили и електромотор со 94 коњски сили– доволно за максимална брзина од 165 км/ч.

Но она што најмногу ќе ги „вклучи алармите“ во Волфсбург, не се ниту бројот на седишта ниту перформансите – туку дизајнот.
Ова не е првпат некој кинески бренд да се најде под лупа поради прекумерни сличности со VW класиците.

Уште во 2021 година, Great Wall Ora Punk Cat, ретро електричен автомобил инспириран од Бубата, предизвика бран реакции во правното одделение на VW. Дури и еден Suzuki Kei“ комби, симпатично „маскиран“ во VW Bus, беше отстранет од сајтот за продажба откако стигна писмо од Германија.
Затоа, иако Summer можеби нема VW лого, многу е веројатно дека адвокатите од Германија веќе го следат внимателно, со подготвено писмо – а можеби и со веќе направен план што ќе прават со парите. Тенка е линијата меѓу омаж и плагијат, а VW не е познат по попустливост кога станува збор за нивните икони на тркала.