АвтомобилиПопуларно

Fiat 600 беше инспирација за „Фиќо“, автомобилот што ја моторизираше поранешна Југославија

Ако се вратиме 70 години наназад, поимот „народен автомобил“ би можел да се поврзе со мали и евтини возила како Citroën 2CV, Renault 4 или Fiat 600. Овој последниот сега го слави својот 70-ти роденден, а за нас е особено значаен бидејќи неговата изведба со децении беше присутна на нашите улици.

Овој пат не зборуваме за исто така славниот Fiat 500, туку за неговиот поголем и постар „брат“. Тоа беше 600 или Seicento, симпатичен, заоблен автомобил кој со својата должина од 330 cm можеше да превезе цели семејства.

Моторот беше поставен во задниот дел – четирицилиндричен агрегат со 23 КС, доволен за тогашните потреби. Дизјанерот Данте Џакоза направи одлична работа не само со овој модел, туку и со неговите варијанти – Seat 600 и Zastava 750.

Само една година по лансирањето, Fiat претстави весела изведба со покрив што се рола, а подоцна стигна и револуционерниот модел – Fiat Multipla со три реда седишта во должина од само 350 cm. Fiat постојано го подобруваше моделот, па така во 1960 година беше претставена освежена верзија со нови светла и поголем мотор од 767 cm³ со 29 КС. Пет години подоцна, вратите конечно почнаа да се отвораат „нормално“, а со поголем резервоар за гориво, автомобилот стана попогоден за подолги патувања.

Fiat 600 и неговите варијанти буквално го моторизираа југот на Европа, а посебно успешен беше Zastava 750. „Фиќо“, со неколку модернизации, опстана на пазарот сè до 1985 година, со продадени 900.000 примероци. Овој модел се произведуваше и во Јужна Америка, како и во поблиските земји, како Австрија и Германија.

Fiat 600 беше произведен во околу 2,7 милиони примероци, но ако се додадат сите негови изведби, бројката се искачува на околу пет милиони.