БизнисПопуларно

Дали е подобро да се работи од дома или од канцеларија? Директорот на “Dropbox” даде одговор!

Технолошките компании воведоа различни алатки за да помогнат при работа на далечина, а “Zoom” ги замени состаноци лице в лице.

Пред неколку години, се чинеше дека начинот на кој работат луѓето се смени засекогаш и дека деновите на преполни корпоративни канцеларии се зад нас. Вработените, принудени од пандемијата на коронавирус, ги открија сите предности на работата од дома и многумина одлучија дека никогаш нема да се вратат во канцеларија. Технолошките компании воведоа различни алатки за да помогнат при работа на далечина, а Zoom ги замени состаноци лице в лице.

Меѓутоа, како што пандемијата се повлекуваше, газдите на се поголем број компании се предомислија и ги поканија вработените назад во канцеларијата. Некои трајно, а некои во хибриден модел, односно им овозможија на вработените дел од времето да работат на далечина, а дел од канцеларијата.

Една од компаниите која продолжи да им дозволува на вработените да го поминуваат поголемиот дел од своето работно време работејќи од каде сакаат е Dropbox, а за време на гостувањето во подкастот “Leadership Next”, извршниот директор на компанијата Дру Хјустон објасни зошто. Тој смета дека е губење време и пари вработените да доаѓаат во канцеларија да ги прават истите работи што можат да ги прават од дома.

„Можеме да бидеме многу помалку глупави отколку да ги принудуваме луѓето да се вратат во своите автомобили три дена во неделата за буквално да бидат на истиот состанок за Зум како што би биле дома. Има подобар начин да се направи тоа“, објасни тој, а повеќето луѓе кои работат на далечина веројатно би се согласиле.

Доверба пред надзор

Постојат различни причини зошто многу компании, вклучително и големите технолошки фирми, ги повикуваат вработените назад во канцеларијата. Во многу случаи, иако никој официјално нема да го признае тоа, газдите едноставно сакаат да ги држат своите вработени под контрола, за да не опуштат работејќи од дома, без контрола и надзор од нивните претпоставени. Пред неколку години Хјустон коментираше дека таквите шефови треба да ја олабават контролата.

„Ако им верувате на луѓето и ги третирате како возрасни, тогаш тие ќе се однесуваат како возрасни. Доверба пред надзор“.

Официјалната верзија на шефовите и директорите обично е дека луѓето работат подобро и се покреативни кога учествуваат на состаноци во живо, но и кога се заедно во канцеларија – кога заеднички доаѓаат до нови идеи, решаваат проблеми и слично. Ова, велат, е многу полесно кога сите се физички во иста просторија, отколку кога се поврзани преку некоја интернет алатка и се гледаат само на екранот.

Хјустон го спореди со принудување на луѓето назад во трговските центри и кината. Иако нема ништо лошо во кината, тој рече, „сега е само поинаков свет“.

Што се однесува до Dropbox

Вработените во оваа компанија можат да работат на далечина 90 проценти од работното време годишно, додека 10 проценти од времето потребно им е да присуствуваат на помал број настани што се организираат надвор од канцеларијата.