Како Трамп го поскапи Ајфонот за СИТЕ: Вистината за тоа колку навистина може да чини
Цената на iPhone може да порасне за стотици фунти, предупредуваат аналитичарите, бидејќи технолошкиот гигант се наоѓа во центарот на се пожестоката трговска војна меѓу САД и Кина.
Повеќето уреди на Apple се склопуваат во Кина, но компонентите доаѓаат од речиси 50 различни земји – од кои многу сега се погодени од тарифите наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп. Овој потег веќе предизвика паника на пазарот, страв од недостиг и сериозен пад на вредноста на акциите на Apple, што предизвика компанијата да ја загуби титулата највредна во светот – во корист на Microsoft.
Но, аналитичарите предупредуваат дека инсистирањето на Белата куќа да се префрли производството на iPhone на американско тло може дополнително да ја влоши ситуацијата.
Во исто време, Кина – каде што се склопуваат дури 90 проценти од iPhone-ите – возврати со сопствените тарифи, што дополнително го разниша пазарот.

Трамп синоќа најави дека ќе воведе 90-дневна пауза на новите царини – но не и на Кина, поради нејзиниот одговор, зголемувајќи ги тарифите на дури 125 проценти.
“Луѓето почнаа да паничат, да се однесуваат како да имаат „јипови“, знаете, како голфери кога почнуваат да го промашуваат секој удар” – рече Трамп во Белата куќа.
Да потсетиме дека за време на неговиот прв мандат, шефот на Apple, Тим Кук, успеа да обезбеди ослободување за компоненти во вредност од милијарди долари увезени од Кина. Но, овој пат, нема такво ослободување.
Во Велика Британија не се воведени тарифи, но експертите предупредуваат дека е малку веројатно дека Apple ќе ги промени цените на целиот пазар – така што зголемувањето во САД би можело автоматски да се одрази и во други земји. iPhone 16 Pro моментално чини 999 фунти, додека верзијата „Pro Max“ достигнува 1.199 фунти.

iPhone – симбол на глобален конфликт
Самиот iPhone стана симбол на вистинските последици од војната на Трамп за „Америка повторно да се збогати“. Тој е еден од најкомплексните синџири на снабдување во историјата – компонентите доаѓаат од речиси 50 земји, а централната точка на склопување е Кина (80 проценти), по што следат Индија (10-15 проценти) и Виетнам.
Процесорите доаѓаат од Тајван (TSMC), екраните се обезбедени од Samsung и LG, камерите доаѓаат од Јапонија, Јужна Кореја и Тајван, а батериите и сензорите од САД, Германија, Франција и други земји од Далечниот Исток.
Според анализата на мрежата на добавувачи на Apple, дури 84 отсто од нив имаат директни врски со континентална Кина – 158 од вкупно 188. Следуваат Тајван и Сингапур, но се далеку зад нив.

Цената може да скокне до 1.600 фунти
Бен Барингер, глобален технолошки аналитичар во “Quilter Cheviot”, вели дека новите тарифи ќе имаат „длабоко влијание“ врз глобалните синџири на снабдување, а не само врз американските потрошувачи.
“Apple сака да ја задржи својата профитна маржа. Ако влезните трошоци растат, тој ќе мора да го поскапи уредот или да прифати помал профит” – објаснува тој.
Хари Милс од компанијата Оку Маркетс истакнува дека целосното префрлање на производството во САД би било „Херкулејски потфат“, што дополнително би ја зголемило крајната цена на уредот поради високите трошоци за работна сила во Америка.
“Тарифите веројатно ќе имаат директно влијание и на британскиот пазар. Ако тарифата за компоненти ја зголеми цената на iPhone за 300 долари, тоа може да се претвори во зголемување на цената за 300 фунти. И тоа на царина од 54 отсто. Ако се примени тарифата од 104 проценти, цената на iPhone 16 Pro може да скокне до 1.600 фунти”, вели тој.
Уште поалармантно, Ден Ајвс од “Wedbush Securities” тврди дека цената на новиот iPhone, доколку е целосно произведен во САД, може да достигне огромни 3.500 долари (околу 2.740 фунти).