БизнисПопуларно

Нови правила за туристите! Искачувањето на оваа планина сега чини 25 евра, без плаќање нема премин

Префектурата на Шизуока донесе одлука за воведување такса за туристите кои сакаат да се искачат на планината Фуџи користејќи ги трите главни рути. Почнувајќи од ова лето, секој алпинист ќе треба да плати по 4.000 јени (околу 24,8 евра), пренесува “Kyodo”.

Потегот доаѓа откако соседната префектура Јаманаши објави зголемување на таксата за користење на патеките на истиот износ. Целта е да се намали прекумерниот број на посетители и нивното влијание врз природата на највисоката планина во Јапонија, која е на листата на светско наследство на УНЕСКО.

Освен што ја наплаќаат таксата, властите во Шизуока воведуваат и ограничувања за пристап до нивните планински рути – меѓу 14 часот и 03 часот по полноќ, качувањето нема да биде дозволено, освен за оние кои имаат резервација во планинарски домови. Ова правило има за цел да го спречи ноќното качување без соодветен одмор, што е вообичаена практика меѓу туристите.

Новата регулатива стапува на сила на 9 мај, пред да започне официјалната сезона на искачување во јули. Префектурата Шизуока управува со патеките Фуџиномија, Готемба и Субашири, додека патеката Јошида е надгледувана од префектурата Јаманаши. Во текот на летните месеци, планината Фуџи привлекува стотици илјади авантуристи, а овие промени имаат за цел да обезбедат побезбедно и поодржливо искуство за сите посетители.