БизнисПопуларно

Седеше на пијано со години, сопствениците не ни знаеја какво вредно уметничко дело имаат во својот дом

Мала мермерна скулптура за која со децении се веруваше дека е само копија на дело на познатиот француски скулптор Огист Роден, се покажа дека е оригинална и е продадена на аукција во Франција за 860.000 евра.

Скулптурата наречена „Очај“ прикажува женска фигура во седечка положба, како ги гушка колената и ја држи ногата со едната рака. Делото датира од 1892 година и е дел од познатата серија на фигури на Роден направени за монументалното дело Порти на пеколот. Откако за прв пат беше продаден на аукција во 1906 година, се сметаше дека е засекогаш изгубен.

Сепак, семејството кое со децении ја чуваше фигурата висока 28,5 сантиметри на својот клавир, реши да се консултира со познатиот француски аукционер Ајмерик Руилак. Неговиот тим покрена детална истрага за потеклото на делото, која кулминираше во март кога скулптурата беше претставена пред Comité Roden – официјалниот комитет кој ги проучува и автентицира делата на Роден, пишува BBC.

Шест недели подоцна стигна потврда: тоа беше автентично дело на Роден. Откритието предизвика голема возбуда кај сопствениците, но и во уметничката јавност, со оглед на екстремната реткост и важност на скулптурата.

Руилак истакна дека ова е исклучително ретко откритие, а делото завршило продадено за речиси милион долари на аукција одржана во понеделникот.

„Повторно го откривме“, изјави Руилак, изразувајќи гордост што придонесува за ова историско откритие.