Алексеј Навални пронајден мртов во својата ќелија: Почина најголемиот критичар на Путин
Лидерот на руската опозиција Алексеј Навални (47), кој служеше затворска казна во регионот Јамало-Ненец на крајниот север на Русија, бил пронајден мртов.
„Денеска во казнената колонија бр.3 осудениот А.А.Навални се чувствува лошо по прошетката и речиси веднаш потоа ја загуби свеста. На местото веднаш била повикана екипа за итна медицинска помош која веднаш пристигнала. Преземени се сите мерки за реанимација, но не дадоа позитивен резултат. Лекарите од итната помош ја констатирале смртта на осуденикот“, се вели во соопштението на руската затворска управа, пренесува Ројтерс.
Руската новинска агенција Тас јави дека претседателот на Русија, Владимир Путин, бил информиран за смртта на Навални. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека тие немаат информации за причините за смртта на Навални.
Во 2020 година, Навални падна во кома по сомнително труење со помош на новичок од руската безбедносна служба ФСБ и беше евакуиран на лекување во Германија. Тој се опорави и се врати во Русија во јануари 2021 година, каде што беше уапсен под обвинение за прекршување на условниот отпуст и осуден на неговата прва од неколкуте затворски казни кои вкупно би биле повеќе од 30 години зад решетки.