Астронаутите конечно проговорија за инцидентот во вселената: Се обратија ли на Трамп?
Астронаутите на НАСА, Бари Вилмор и Сунита Вилијамс, првпат јавно зборуваа по нивната вселенска мисија, која траеше повеќе од девет месеци.
Двајцата во понеделникот дадоа заедничко интервју за Fox News, каде изјавија дека нивната мисија не ја сметаат за неуспех, но признаа дека НАСА, Боинг, па дури и тие самите, имаат одредена улога во неочекуваниот исход.
„Постојат многу прашања што, како командант, не ги поставив. Значи, и јас сносам дел од одговорноста“, рече Вилмор.
„Ќе ѝ признаам на нацијата. Постојат работи што не ги прашав, а требаше да ги прашам. Во тој момент не знаев дека тие прашања се неопходни. Но сега, кога гледам наназад, некои знаци биле присутни. Дали Боинг е виновен? Дали носи одговорност? Секако. Дали НАСА е виновна? Дали има удел во ова? Секако. Сите имаат свој дел, бидејќи мисијата не се одвиваше според планот. Имаше недостатоци во тестирањата и подготовките што не ги предвидовме“, додаде тој.
Вилмор со шокантна изјава за наводите дека администрацијата на Бајден ги „напуштила“
„Немам причина да не им верувам, бидејќи ја заслужија мојата доверба“, изјави Вилмор за Fox News во понеделникот.
„И затоа сум благодарен“, додаде тој, истакнувајќи дека е „освежувачки“, „охрабрувачки“ и „зајакнувачки“ да се види како националните лидери активно учествуваат во програмата на НАСА за човечки вселенски летови, што, според него, има глобално значење, пренесува Daily Mail.
Вилмор и Вилијамс требаше да поминат само осум дена на Меѓународната вселенска станица (ISS), откако на 5 јуни беа лансирани со Starliner на Боинг. Меѓутоа, технички проблеми со нивното летало ги оставија заглавени таму повеќе од девет месеци.
288 дена во вселената
Кога на 18 март се вратија на Земјата, поминаа вкупно 288 дена во вселената.
И покрај сè, двајцата астронаути повеќепати истакнаа дека не се чувствувале напуштени, заробени или оставени на ISS, а овие изјави ги повторија и за Fox News.
„Секој од тие зборови има многу широко значење“, рече Вилмор.
„Во одредени аспекти, бевме заглавени, можеби и оставени, но на начинот на кој тоа беше претставено – дека сме заборавени и оставени – воопшто не беше така. Не се вративме дома на начинот на кој што планиравме. Значи, во одредена смисла, бевме заглавени. Но во поширока смисла, не. Бевме подготвени, обучени.“

Дали Боинг ги изневери?
На прашањето дали сметаат дека Боинг ги изневерил, Вилијамс одговори: „Не би го оквалификувала баш така.“
Двајцата астронаути нагласија дека Starliner користи нова, високо напредна технологија и дека испраќањето на толку сложен систем во вселената носи одредени предизвици.
„Ова е најиздржливото вселенско летало што го имаме. Ништо друго не може да направи сè што може Starliner“, додаде Вилмор.
Тој истакна дека не сака да „впери прст“ во оние кои придонеле за нивното значително доцнење при враќањето.
Но, други тоа го правеа со месеци, вклучувајќи го и поранешниот претседател Доналд Трамп и неговиот советник, директорот на SpaceX, Илон Маск.
Трамп и Маск, кој воедно е и висок советник во Белата куќа, во февруари тврдеа дека администрацијата на Бајден ги оставила астронаутите на ISS од „политички причини“, пишува Daily Mail.
Иако Вилмор рече дека не сака да се фокусира на обвинувања, исто така нагласи дека му верува на претседателот и неговиот советник.
Трамп влијаел врз времето на враќање?
Откако Вилијамс и Вилмор се спуштија во океанот крај брегот на Флорида во капсулата SpaceX Crew-9 Dragon, вршителката на должноста администратор на НАСА, Џенет Петров, издаде соопштение во кое наведе дека администрацијата на Трамп имала влијание врз тајмингот на нивното враќање.
„По налог на претседателот Трамп, НАСА и SpaceX неуморно работеа на тоа да го поместат распоредот за враќање еден месец порано“, рече Петров.
НАСА не даде директен коментар на тврдењата на Трамп или Маск во врска со администрацијата на Бајден, но претходно негираше дека политиката имала каква било улога во одлуките околу враќањето на екипажот на Starliner.

Како реагираа кога дознаа дека ќе останат подолго во вселената?
Астронаутите сега се на Земјата речиси две недели.
За време на интервјуто за Fox News во понеделникот, Вилијамс и Вилмор ги споделија своите реакции кога дознале дека ќе останат во вселената подолго од очекуваното.
„Мојата прва мисла беше дека едноставно мораме да се прилагодиме“, рече Вилијамс.
„Бевме подготвени веднаш да се фокусираме на задачите што ни беа доделени“, додаде таа.