(ВИДЕО) Застрашувачка снимка од падот на американски воен авион – се урна во вода, екипажот успеа да се спаси
Двајца членови на екипажот се пренесени во болница, а нивната состојба е стабилна.
Објавена е снимка која го прикажува падот на американскиот морнарички авион EA-18G “Growler” во водите кај Сан Диего во средата. Двајцата членови на екипажот успеале да се катапултираат пред авионот да се урне. Властите соопштија дека тие веднаш биле спасени од бродот Premier за спортски риболов, по што биле префрлени на блиско патролно пловило на царинската и граничната служба. Несреќата се случила за време на таканаречениот “маневар на заобиколување“, во кој авионот слетува и веднаш повторно полетува, изјави портпаролката на морнарицата, Бет Тич. Причината за несреќата сè уште се истражува.
Камерата која го снима сообраќајот во пристаништето на Сан Диего го забележала моментот на падот, а може да се слушне и како некој од екипажот на Premier му јавува на крајбрежната стража дека пилотите се катапултирале веднаш по полетувањето. „На пат сме да помогнеме. Во вода се!“, се слуша во повикот околу 10:14 часот по локално време. Неколку моменти подоцна, од бродот јавиле: „Ги извлековме двата пилоти, се безбедни“, пренесува AP News.

Брендон Виетс, капетанот на Premier, изјавил дека во моментот на несреќата превезувал десетина патници на риболов крај Поинт Лома, кога слушнал звук на млазен авион кој му се чинел погласен од вообичаено. Се свртел и забележал две лица како паѓаат со падобрани. Веднаш запловил кон нив. Авионот останал во воздухот уште неколку минути пред да се нурне во водата, додал Виетс.

Спасените пилоти биле префрлени во болница, а нивната состојба е стабилна, потврдија властите. Крајбрежната стража распореди две пловила за да ја обезбедат олупината на “Growler” во пристаништето на Сан Диего. Овој млазен авион со две седишта се користи од страна на американската морнарица за електронско војување и поддршка на борбени мисии.
