(ВИДЕО) Омилените грчки летувалишта парализирани од невреме
Животот на грчките острови Парос и Миконос вчера беше целосно нарушен поради поплавите предизвикани од силна бура. Сите форми на сообраќај се запрени, а училиштата и јавните институции се затворени.
Движењето е дозволено само за возилата на итната помош.
Службата за цивилна заштита испрати известувања до жителите преку мобилните телефони, повикувајќи ги да не излегуваат надвор, бидејќи невремето сè уште трае и предизвикува одрони.
Во понеделникот, поројните води се слеваа низ улиците на Парикија и Науса на Парос, носејќи автомобили кон морето. Властите на Парос соопштија дека пожарникарите досега спасиле 13 лица. Нема информации за повредени или исчезнати.
На Миконос, каде што поплавите се со помал интензитет, багерите расчистуваат патишта и улици за да обезбедат проток на надојдената вода.