(ВИДЕО) Поранешниот шеф на обезбедувањето на дискотеката во Кочани: „Тој беше алчен за пари, му велев да не пуштаме малолетници“
Благојчо Ѓоргиев, поранешен шеф на обезбедувањето на дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која се случи невидена трагедија во која загинаа 59 лица, разговараше со Стефан Лазаров.
Ѓоргиев, кој некогаш бил шеф на обезбедувањето во дискотеката, зборуваше на бројни теми во 18-минутното интервју кај Стефан Лазаров.
„Мој братучед, обидувајќи се да спаси други дечиња, изнел надвор група на луѓе. Кога се вратил повторно внатре, за жал починал. Внука моја, исто, за жал почина во пожарот. Имам и комшиче, единец на мајка и татко, и тој почина“, започнува Ѓеоргиев, кој е роден во Кочани.
„Од почетокот, од отворањето на дискотеката, јас и мои пријатели ја обезбедувавме дискотеката. Со сопственикот сум имал кавги бидејќи се пуштаа малолетници. Неговиот син доаѓаше, а беше малолетен. Пријавував во полиција дека има малолетници. Инспектор ми кажа како не ми е срам да јадам леб од таму, а да пријавувам“, продолжува тој.
На прашањето како е можно таков објект да добие дозвола за работа, Ѓоргиев вели:
„Како е можно, па со врски. Имаш пари, плаќаш“, вели тој и додава дека вториот излез на дискотеката никогаш не работел, а единствениот бил тесен.
„Внатре се пуштаа многу луѓе. 500 квадрати е дискотеката. Лево и десно имаше платформи од шипки со даски од горе за да собере повеќе луѓе. Тие колку се безбедни, не се сум сигурен“, вели тој.
Ѓоргиев додава дека сопственикот на дискотеката бил алчен за пари.
Целото видео погледнете го во продолжение: