(ВИДЕО) Пукна брана на руски Урал: „Не чекајте ситуацијата да стане полоша, заминувајте веднаш“
Илјадници луѓе се евакуирани на руски Урал откако пукна брана во рускиот планински град Орск. Тешка механизација се обидува да ја поддржи браната. Поплавени се повеќе од 2.000 станбени згради, додека повеќе од 4.000 луѓе се евакуирани.
Претходно во целата област Оренбург беше прогласена вонредна состојба откако нивото на реката Урал опасно се зголеми поради топењето на мразот. „Звнички“ наведува дека 10.000 жители би можеле да бидат во зоната на поплавите, јавува Би-Би-Си.
„Работата во областа на пукнатата брана во Орск продолжува“, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации, додавајќи дека во работата се вклучени околу 440 луѓе и 217 парчиња опрема.
Министерството за вонредни состојби им помога на 3.500 лица кои беа погодени од поплавите низ државата. Регионот, кој го опфаќа Орск, како и другите провинции на Урал и соседните делови на Казахстан, е погоден од поплави и во моментов се бори со нив.
Руските државни медиуми објавија дека жителите на два од трите окрузи на Орск се евакуирани.
„Граѓаните на Орск се евакуирани во центри за привремено сместување“, се вели во соопштението.
Во видеопорака објавена на апликацијата за пораки Телеграм, градоначалникот на Оренбург Сергеј Салмин рече дека ситуацијата е „критична“ и дека жителите на населбите покрај реките треба веднаш да се евакуираат.
„Не чекајте ситуацијата да стане опасна! Одете си! Мора да се евакуирате што е можно побрзо“, рече Салмин, чиј град е 1.500 километри источно од Москва.
Локалните служби за итни случаи соопштија дека работат на запирање на поплавите во Орск, кој се наоѓа на околу 1.800 километри источно од Москва, во близина на границата со Казахстан.
Во Орск живеат околу 230.000 жители, а евакуираните се преместени во околните училишта.