(ВИДЕО) Снимка од која ќе побесните: Туристи малтретираат мало мече поради селфи, среќа што не се појавува мајката
Инцидентот се случил во вторникот, на 16 април, во станбен комплекс во округот Бункомб, Северна Каролина. Шест лица се снимени како ги влечат малите мечиња од гранките на дрвото, за коишто се држеле, а сè со цел да позираат за фотографија. Шестмината ги тегнеле двете мечиња, а едното дури им испаднало од рацете во текот на снимањето.
Веднаш откако снимките од инцидентот стигнале до експертите кои се занимаваат со заштита на дивите животни, тие веднаш излегле на терен и повикале полиција. Меѓу нив бил и биологот Ешли Хобс, која за „Еј-би-си 13 њус“ рекла дека, кога пристигнала до дрвото каде што луѓето се фотографирале, пронашла само едно мече. Целото било влажно и смрзнато, па било сместено на човечка грижа и нега за да закрепне. Поради тоа, сосема е можно никогаш да не можат да се вратат во дивината, бидејќи мечките кои растат со луѓе, потоа не сакаат да ги напуштат. Неверојатно, но можно е некој да ѝ го уништил животот на мечката само за да добие убава фотографија за социјалните мрежи.
„Мечето преживеа големо трауматично искуство. На луѓето кои го направија тоа им објаснивме колку е неодговорно и потенцијално смртоносно за мечето да се одвои од мајка му, а особено на овој начин да го влечат од дрвото“ рекла Хобс, пренесува „Унилад“.
Џоди Вилијамс, шеф на здружението „Помогнете им на мечките на Ешвил“ е подеднакво загрижена.
„Сè поради фотографија. Повторувам, поради една фотографија. Многу ми е жал за ова мало мече и ми се гади од себичноста на овие луѓе. Ова е токму тоа – себичност“, рекла Вилијамс.
По објавувањето на видеото, многумина се згрозиле од тоа што го направиле овие шест луѓе, а тие, покрај планетарната популарност што не ја барале, за сето тоа морале да разговараат и со полицијата.