ВестиПопуларно

(ВИДЕО/ФОТО) Олимпиец нарачал убиство и дилал дрога! ФБИ нуди 10 милиони долари за апсење на водачот на нарко-картел!

Поранешниот канадски олимпиец Рајан Џејмс Вединг, кој настапуваше на Зимските олимписки игри во 2002 година, сега е на листата на 10 најбарани бегалци во САД, откако американските власти го обвинија за трговија со дрога и нарачување повеќе убиства. За неговото апсење е понудена награда од дури 10 милиони долари.

Вединг на Олимпијадата во 2002 година настапувал во паралелен велеслалом во сноубординг, каде што го зазел 24. место. Меѓутоа, неговата приказна станала многу помрачна од неговите спортски достигнувања. Во јуни 2024 година, заедно со својот соработник Ендрју Кларк, бил обвинет за водење на криминална организација, убиство и трговија со дрога.

Кларк бил уапсен во октомври 2024 година, а ФБИ првично понудил награда од 50.000 долари за Вединг, која подоцна пораснала на неверојатни 10 милиони долари.

„Ел Хефе“ – мозокот на нарко-картелот

Според информациите на ФБИ, Вединг бил клучна фигура во криминалната организација што шверцувала дрога од Колумбија во Канада преку Мексико. Освен тоа, истрагата покажала дека тој организирал серија брутални убиства како дел од стратегија за проширување на своите криминални активности.

„Поранешниот канадски сноубордер предизвика бран на смрт и уништување во САД и во странство. Го доби прекарот ’Ел Хефе‘, станувајќи лидер на насилен транснационален картел. Сега неговото лице ќе биде на постерите на ’10 најбарани‘. Тој е немилосрден, амбициозен и опасен. Ја молиме јавноста за помош во неговото пронаоѓање“, изјави Метју Ален, специјален агент на ДЕА во Лос Анџелес.

Брутални убиства и одмазда во Канада

Според обвинението, Вединг и Кларк нарачале убиство на двајца членови на едно семејство во Онтарио на 20 ноември 2023 година, како одмазда за кражба на дрога.

Третиот член на семејството преживеал, но се здобил со тешки повреди.

Дополнително, се сомничат дека нарачале уште едно убиство на 18 мај 2024 година, а ФБИ ги поврзува и со убиство на 1 април 2024 година, кога Кларк и неговиот соработник Малик Дамион Канингем убиле уште едно лице.

Доживотни казни за водачите на картелот

Доколку се докаже нивната вина, Вединг и Кларк се соочуваат со доживотни затворски казни, додека обвиненијата за убиство и обид за убиство носат минимална казна од 20 години.

Дополнително, обвиненијата за трговија со дрога можат да резултираат со затворски казни од 10 до 15 години.

ФБИ верува дека Вединг во моментов се крие во Мексико, но не ја исклучува можноста да се наоѓа во САД, Канада, Колумбија, Хондурас, Гватемала, Костарика или некоја друга земја.