ВестиПопуларно

Вознемирувачки случај во Русија: Мајка го чувала синот затворен во стан – не се капел, јадел само леб, а полицајците останале без зборови од глетката!

Мајката и бабата на детето цело време живееле со него – и тврделе дека „сè било во ред“. Но вистината дури сега почнува да излегува на површина …

Во рускиот град Краснодар беше спасен осумгодишен „маугли“ – момче кое речиси цел живот го поминало затворено во стан во центарот на градот. Над него бдеела сопствената мајка, која се претворила во негов чувар.

Како жената успеала со години да го држи детето изолирано од светот – сега е предмет на истрага. Зошто детето не одело во градинка? Зошто никој не го регистрирал во здравствените установи, училиштата или центрите за социјална грижа?

Момчето, практично, било спасено сосема случајно. Во мај, минувачи забележале дека од еден стан на улицата Карасунска се фрлаат предмети и отпадоци. Сето тоа го правело детето – но не изгледало како игра, туку очајно викал, обидувајќи се да привлече внимание.

И успеало. Граѓаните повикале полиција – било очигледно дека нешто не е во ред, бидејќи возрасни немало во близина. На местото пристигнале и итната помош, во случај да биде потребна интервенција. И навистина била.

Кога полицајците влегле во станот, затекнале шокантна слика: изнемоштено, неухрането осумгодишно момче. Било запуштено, со долга, валкана коса, и очигледно било дека ретко или никогаш не се капело. Станот бил затрупан со ѓубре, насекаде имало инсекти и муви. Дури ни до тоалетот не можело да се стигне – сè било затворено со хаос и предмети.

Во станот била и мајката на детето, жена стара 45 години. Наместо да соработува, викала и се спротивставувала додека се обидувале да ја изведат. Подоцна, на полицијата и социјалните служби им кажала дека таа и синот никогаш не излегуваат. Момчето, наводно, постојано престојувало на балконот.

Немал никаков контакт со други луѓе, не одел на училиште, а никогаш не бил ниту кај лекар. Иако има сериозни здравствени проблеми и тешко се движи, никој не се грижел за неговото лекување. Сè што се случувало во станот го знаела и бабата – но и таа не гледала ништо спорно.

„Од раѓање е целосно изолиран од општеството, несоцијализиран. Според неговите зборови, со години не излегол од станот, се хранел со леб, а последен пат се капел пред повеќе од една година“, соопшти Обвинителството на Краснодарскиот крај.

Со детето никој не се занимавал, а за полесно да го контролира, мајката поставила безбедносни камери во станот. Комшиите велат дека понекогаш слушале детски крици, но никогаш не го виделе.

Мајката и бабата понекогаш излегувале, но избегнувале контакт со луѓето и биле запуштени. Еднаш го изнеле детето надвор, но кога забележале соседи, веднаш го скриле со телата.

На 21 мај, полицијата, социјалните работници и медицински екипи повторно дошле во станот за дополнителен преглед. Овојпат, мајката доживеала хистерија и одбивала да излезе, па морала да интервенира Росгвардија (Руската национална гарда).

Момчето сега се наоѓа во центар за рехабилитација. Неговата мајка е префрлена во болница. Во најскоро време се очекува трајно да ѝ бидат одземени родителските права.