Вознемирувачко видео: Преплашени коали се држат за дрвја додека им ги уништуваат домовите
„Guardian Australia“ објави снимка која прикажува коали кои преплашено се држат за дрвјата еукалиптус за време на сечата на Кенгурскиот остров во Јужна Австралија и паѓаат заедно со нив на земја.
Едната снимка е направена во ноември 2023 година, а другата е од јануари 2024 година. Властите започнаа истражен процес, а сечата е запрена во текот на истрагата.
Предупредуваме дека за некои читатели овие снимки може да бидат вознемирувачки
Десетици мртви коали
Поранешни вработени во компанијата што управува со сечењето на дрвјата, „Australian Agribusiness Group“, рекле дека се обиделе да спасат најмалку 40 повредени коали и виделе околу 20 мртви. Тие велат дека животните имале скршени черепи, вилици, екстремитети и колкови.
Повредените коали се пренесени во просториите на волонтерската организација „Kangaroo Island Wildlife Network“, која се занимава со спасување и лекување на повредени и болни животни. Претседателката Кејти Велц изјавила дека морале да евтанизираат 21 коала поради сериозноста на нивните повреди.
„Ги игнорираа обележаните дрвја“
Поранешните вработени наведуваат дека некои работници ги игнорирале обележаните дрвја. „Требаше да ги остават осумте дрвја околу дрвото на кое беа забележани коалите, но не го направија тоа“, изјавил еден поранешен вработен кој сакал да остане анонимен.
Коалите се на листата на загрозени видови во Нов Јужен Велс, Квинсленд, но не и во Јужна Австралија. Некои жители на Кенгурскиот остров ги доживуваат како штетници.