Врховниот суд го блокира Х во Бразил, 500.000 корисници отвораат сметки на друга мрежа
Милиони корисници од Бразил не можеа да пристапат на платформата Икс утринава, откако Врховниот суд донесе одлука да ја блокира бидејќи Илон Маск не ги почитувал локалните закони
Голем број корисници во Бразил почнаа да ја користат конкурентската мрежа Bluesky, која објави дека во последните два дена добила 500.000 корисници.
„Добредојдовте во Bluesky!” Објави компанијата на своите нови корисници на португалски.
Александре де Мораес, влијателниот судија на Врховниот суд одговорен за забраната, ги предводеше напорите да го принуди Х да ги ограничи антидемократските, екстремно десничарски позиции по бунтот во главниот град Бразилија во јануари 2023 година од приврзаниците на поранешниот екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро.
Маск ја игнорираше одлуката да назначи нов правен застапник
Маск го обвини Мораеш дека ја задушува слободата на говорот и се обидува да ги цензурира конзервативните ставови.
Последната капка пред Икс да биде блокиран во Бразил беше игнорирањето на 24-часовниот рок за назначување нов правен застапник од страна на Маск, откако платформата на социјалната мрежа ја затвори својата локална канцеларија во Бразил во средината на август.
Во пресудата со која се наредува забраната, Мораес го обвини Х дека дозволил „масовно ширење на дезинформации, говор на омраза и антидемократски напади“. Неколку часа подоцна, нешто по полноќ по локално време, бразилските корисници почнаа да забележуваат дека не можат да пристапат до мрежата.
Маск се огласи по забраната нарекувајќи го судијата Волдеморт. „Тој е диктатор и измамник“, напиша Маск на X.