Дали Србија тајно испраќа оружје на Израел?
За време на војната на Израел против Газа, Србија се обидуваше да избегне јавно политичко мешање во конфликтот, затоа и Белград задржа релативно неутрална позиција насочена кон зачувување на односите.
Србија има врски со Израел, а во исто време не сака да се претставува на меѓународната сцена како некој што ги поткопува палестинските интереси, велат аналитичарите за Ал Џезира.
Од распадот на Југославија во раните деведесетти, Србија е горда на своите пријателски односи со Израел, како и со Палестинците. Во меѓувреме, Белград постојано гласаше за Палестина во Обединетите нации и го поддржа решението со две држави.
Меѓутоа, во последните години односите меѓу Србија и Израел се проширија во многу сфери, а се чини дека за време на војната овие односи станаа уште поблиски.
Во средата, Balkan Insight, повикувајќи се на податоци од царината, објави дека Југоимпорт-СДПР, српски државен трговец со оружје, минатиот месец извезол оружје во Израел во вредност од 14 милиони евра.
Балканската истражувачка мрежа (БИРН) на 12 март објави дека, од нападот на Хамас во октомври 2023 година, Србија извршила најмалку две големи испораки оружје или муниција во Израел, и покрај фактот што овие операции “се изведуваат позади затворени врати“.
Игор Новаковиќ, директор за истражување во Центарот за меѓународни и безбедносни прашања (ISAC), изјави за Ал Џезира дека пратките веројатно биле дел од претходен договор.
„Клаузулата за тајност веројатно постои за да се спречи расипување на имиџот на Србија, во смисла дека може да се толкува како поддршка за војната на Израел против Хамас“, рече тој.