ВестиПопуларно

Дино ја загубил својата бремена сопруга во поплавите: „Ја држеше малата за рака, но ударот ги раздели“

Обилните врнежи предизвикаа големи поплави во Босна и Херцеговина, а најпогодените области се Јабланица, Кисељак, Фојница и Вареш. За жал, според официјалните информации, во оваа катастрофа досега животот го загубиле 22 лица.

Тешка е ситуацијата во неколку градови во БиХ, но убедливо најтешка е во Јабланица. Потресните сведоштва на луѓето кои ги загубиле домовите и најблиските, најчесто доаѓаат од овој мал град во Босна и Херцеговина.

Дино Бегиќ (30) ја загуби сопругата поради поројните поплави кои ја зафатија областа кај Јабланица. Нему му беше тешко да зборува за својата трагедија, која резултираше со смрт на неговата бремена сопруга Ајла, која имаше 28 години.

Таа била во седмиот месец од бременоста и зад себе ја оставила петгодишната ќерка Далал, која успеала да ја преживее поплавата.

„Не знам ни како се чувствувам. Не знам што да ти кажам. Морам некако да се држам за моето девојче. Сè уште сум во шок. Моментално минувам низ животот како да сонувам. Чувствувам потреба да плачам но не можам, неверојатно е тешко, но тоа е животот“, рекол потресениот Дино Бегиќ (30).

„Целата борба започна некаде околу полноќ. Јас и татко ми излеговме од куќата да го исчистиме блискиот поток покрај куќата за да не влезе водата внатре. Врнеше толку силен дожд што не видовме ништо. Тоа беше последното кога ја видов жена ми жива. Ги оставивме во куќата, а Далал (5) спиеше“, објаснил тој. Понатаму раскажал како се бореле со потокот да ја спасат куќата, додека Ајла ја подготвила ќерка си за евакуација.

„Стебло падна врз неа и ја згмечи. Девојчето се спаси, а како, само милиот Бог знае. Целата беше крвава и тешко повредена, па ја однесовме во Коњиќ да ја сошијат. Цела е со гребнатинки, но најлошото е што ја виде смртта на нејзината мајка“, рече Дино. Тој додава дека тој и неговата почината сопруга со нетрпение го очекувале второто дете. „Таа носеше уште едно девојче. Бевме многу среќни што нашето семејство ќе се прошири. Една ноќ, нејзината ќерка и таа склопуваа облека што ја купија за бебето. Таа се подготвуваше за раѓањето што доаѓа“, продолжил тој.. Имено, нивната куќа е целосно уништена и моментално престојуваат кај неговата тетка.

„Куќата е како никогаш да не постоела. Имавме прекрасна куќа со два ката. Но што ни вреди сето тоа. Живеевме убаво, но нè погоди оваа тешка судбина. Малата ниту ја спомнува, ниту прашува за мама. Таа е свесна за сè. Се консултирав со некои доктори да ни понудат психолошка помош. Ќерка ми е врзана за мене, а сега воопшто не се одвојуваме. Постојано ми е во скут и не си оди. Се надевам дека некако ќе преболиме се. Имам семејство кое ни помага затоа што за неколку часа останавме без се – без дом и без нашето најблиско семејство“, изјави тој.

„Не успеав да ги видам бидејќи не можев да стигнам до нив. Кога жената виде дека куќата нема да издржи и мора да се повлече, реши да излезе од неа“, ја опишува кобната ноќ Дино. Сопругата сакала да се скрие во соседната гаража, која не била директно погодена, но кога се обидела да стигне на безбедно, ја удрило стебло.

„Недостасуваше тој еден чекор, а таа сега ќе беше тука со нас. Тој мал, минијатурен, но фатален чекор. Ја држеше малата за рака, но ударот ги раздели“, додава Дино.