ВестиПопуларно

Започна церемонијата за преместување на Папата: Големи гужви по улиците (ФОТО)

Во Ватикан утрово почна свечената церемонија на пренесување на ковчегот со телото на папата Франциско од резиденцијата Каза Санта Марта во базиликата Свети Петар, каде верниците ќе можат да оддаваат почит во следните три дена, јавуваат медиумите.

Церемонијата започна во капелата Санта Марија, каде што се одржа кратка верска церемонија.

Потоа, ковчегот со телото на папата беше пренесен низ плоштадите Санта Марта и Пјаца деи Протомартири кон базиликата, со ѕвона во негова чест.

Швајцарската гарда, чија улога е да го штити папата, марширала до плоштадот Свети Петар и се наредила во неговиот центар како подготовка за пристигнувањето на ковчегот на папата, пишува Би-Би-Си.

Телото на папата Франциско беше донесено во базиликата Свети Петар. Ќе се одржи молитва пред да и се дозволи на јавноста да му оддаде последна почит на починатиот папа.

Базиликата ќе биде отворена за јавноста од 11 часот по локално време, а илјадници верници се собраа во раните утрински часови за да му оддадат последна почит на починатиот поглавар на Римокатоличката црква.

Во наредните денови се очекува десетици илјади луѓе од Италија и од целиот свет да дојдат во Ватикан за да се простат од папата.

Папата Франциско, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес, Аргентина, беше првиот папа од Латинска Америка. Тој почина на 21 април на 89-годишна возраст, а директорот на Управата за здравје и хигиена на Ватикан Андреа Аркангели објави дека папата починал од мозочен удар и срцева слабост. Како што соопшти Канцеларијата за литургиски настани во Ватикан, тој ќе биде погребан во сабота на 26 април.