Заразна болест ги покосила патниците на крузерот
Еден од патниците на крузерот P&O Iona изјавил за Sky News дека „патниците паѓаат како муви“, додека компанијата P&O потврдила дека некои гости пријавиле гастроинтестинални симптоми.
Патници на крузерот P&O Iona, кој во моментот се наоѓа крај брегот на Белгија, пријавиле сомневање за појава на норовирус.
Според зборовите на еден од патниците, голем број гости и членови на екипажот почувствувале симптоми.
„Луѓето повраќаа во рестораните, на палубата, пред кабините“, рекол патникот.
На крузерот може да има повеќе од 6.000 луѓе
P&O Iona може да прими повеќе од 5.000 патници и 1.800 членови на екипажот, а во моментов е на седумдневно крстарење низ северна Европа, со посети на Хамбург, Ротердам и Зибрухе.
Не е познато колку патници во моментот се наоѓаат на бродот.
Компанијата P&O Cruises потврди за Sky News дека „некои гости, за жал, пријавиле гастроинтестинални симптоми“, но тврдат дека е засегнато помалку од 1% од патниците.
На крузерот има голем број семејства поради училишните распусти, а бродот испловил од Саутемптон на 15 февруари.
Капетанот ги предупредил патниците
Капетанот на бродот наводно во четврток преку разгласот ги известил патниците за појавата на заразата и изјавил дека екипажот прави сè за да го спречи нејзиното ширење.
Сепак, некои патници во изолација се пожалиле на проблеми со испорака на храна, како и недостаток на чисти крпи и постелнина поради недостиг на персонал.
„Дури и забавната програма беше значително изменета, бидејќи многу планирани настапи беа откажани и заменети со импровизиран распоред за да се смират патниците“, изјавил еден патник.
„Шокантно беше и тоа што на бродот не можеше да се купи ниту да се набави било каков лек за ублажување на симптомите. Ниту една продавница, ниту медицинскиот центар на бродот немаа лекови против дијареја или орални рехидрациски соли“, додал тој.

P&O Cruises: „Лековите се достапни“
Компанијата P&O Cruises потврди дека сите патници кои поради симптоми не можеле да учествуваат во екскурзии на копно ќе добијат целосен поврат на средствата.
Тие тврдат дека лекови се достапни во нивниот медицински центар на бродот и дека за итни случаи постои 24-часовен број за поддршка.
„Свесни сме дека некои гости, за жал, пријавиле гастроинтестинални симптоми за време на крстарењето низ северна Европа“, стои во соопштението на P&O Cruises.
„Болестите поврзани со гастроинтестинални проблеми се многу чести во Велика Британија и главно се пренесуваат од личност на личност во средини како што се хотели, училишта и ресторани.“
„P&O Cruises соработува со глобални, национални и регионални здравствени власти за спроведување на проверени протоколи за заштита на здравјето и благосостојбата на сите на бродот“, се додава во соопштението.

Што е норовирус?
Норовирусот е многу заразен вирус што предизвикува акутни дигестивни нарушувања, вклучувајќи повраќање, дијареја, гадење и стомачни грчеви.
Се пренесува преку контаминирана храна, вода или допир на заразени површини.
Чест е во затворени простори како што се крузери, хотели и училишта.
Болеста обично трае од еден до три дена.