ВестиПопуларно

Идентификуван организаторот на украинската операција „Пајакова мрежа“

Украинските безбедносни служби изведоа масовен напад со дронови врз руски воени бази во Мурманск и Иркутската област, оддалечени дури до 4.300 километри од Украина.

Една од клучните фигури во операцијата, според руски медиуми, е Артем Тимофеев, по кого е распишана потерница. Тој е сопственик на камионите од кои биле лансирани дроновите. Роден е во Житомир или Доњецк, живеел во Киев, а последните години престојувал во Челјабинск.

Во октомври минатата година основал приватна фирма за транспорт на товар, по што купил неколку возила. Возачите на камионите од кои полетале дроновите што ги нападнале аеродромите биле испрашани и изјавиле дека возилата му припаѓаат на Тимофеев. Тие, како што пишува MK, а пренесува Jutarnji, имале задача да испорачаат конструкции за монтажни куќи од магацин во Челјабинск до различни региони во Русија.

Нападот бил резултат на повеќемесечна подготовка и шверц на дронови во внатрешноста на Русија. Дроновите биле скриени во дрвени конструкции во камионите, кои се претставувале како транспортери на материјали за изградба на монтажни објекти. Биле лансирани од непосредна близина на базите.

Според извори од украинската Служба за безбедност (СБУ), погодени биле 41 руски авион, меѓу кои и стратешките бомбардери „Ту-95“ и „Ту-22“, како и авионите „А-50“. Наводно, уништени биле 34% од руската стратешка флота на бомбардери, со што ѝ е нанесена штета на Русија проценета на седум милијарди долари. Руското Министерство за одбрана призна дека „неколку авиони се запалиле“, но тврди дека немало човечки жртви.

Претседателот Володимир Зеленски ја опиша операцијата, под кодно име Пајакова мрежа, како „најголема операција со долг дострел од почетокот на војната“.

Операцијата ја нарече „брилијантна“, а украинските воени и безбедносни извори истакнуваат симболичката и стратешката важност на ударот, особено во момент кога Украина се соочува со предизвици на фронтот и чести руски воздушни напади.

Руските воени блогери го опишаа нападот како „црн ден за авијацијата“ и укажаа на сериозни пропусти на руските разузнавачки служби.