ВестиПопуларно

Интервју со Македонец, возач на камион во Канада: Има многу предрасуди, секоја недела не изгледа исто, секој викенд не е загарантиран, секој одмор нема точен датум

Стефан (29) е Македонец кој живее во Торонто и работи во транспортната индустрија, како возач на камион. Вели дека се соочува со дискриминација, вели дека родендените и одморите немаат точен датум. Сепак, среќен е што може слободното време да го мине со најблиските, да разговара со други Македонци и да слави македонски празници како да е дома.

Кои беа главните фактори што ве мотивираа да ја напуштите Македонија и да изградите живот во Канада, и како ги проценивте достапните можности?

Како главен фактор доколку ги прашате моите родители бил некаков подобар живот од финансиска страна. Јас имав 12 години кога се преселивме во Канада. За тоа како процениле кои и какви се можностите, не е лесно да се направи заклучок, затоа што секоја ситуација е различна и секој со својата среќа на некој начин. Јас колку што знам на „слепо“ се дојдени без некоја помош или познаници тука.

Можете ли да споделите некои од најголемите предизвици со кои се соочивте како имигрант во транспортната индустрија и стратегиите што ги применивте за да ги надминете?

„Некои од најголемите предизвици со кои сум се соочил јас, а верувам и многу други колеги, се предрасудите на прво место, а последователно на тоа и дискриминацијата. Предрасуди за тоа каква е нашата работа, какви сме ние како личности и каква улога имаме ние во општеството. Многу луѓе кога ќе прашаат сто работиш и ќе добијат одговор ’возам камион‘ како да имаат веќе зацртано некоја слика за тебе и за тоа дека кога ја работиш таа работа ти мора да си нечист, некултурен, неорганизиран па дури и неодговорен, а од некои на шега може и да бидеш етикетиран како неверен и незаинтересиран за сопствената фамилија. Па поради сите тие подточки кои они веќе ги имаат предвремено запишано и сега ги поистоветуваат со тебе, ти си дискриминиран во секојдневието, во социјални ситуации или од работодавците. Па така почнува константната борба во секојдневно да им покажеме, објасниме и да го докажеме спротивното на луѓето.

Кои чекори ги презедовте за да преминете од новодојденец до докажан и ценет професионалец во индустријата за камиони?

„Како и во секоја професија така и во оваа, за да се докажеш како професионалец и добар работник, треба константно да работиш и да се движиш кон својата цел, да бидеш мотивиран, истраен, трудољубив, односно да се истакнуваш како вреден поединец кој ја сака и цени својата работа. Само така ќе ја заслужиш и добиеш почитта од својот работодавец и колеги. Тоа и всушност ќе те издвои од групата луѓе кои се причина за првичните предрасуди, стереотипи и дискриминација.

Кои технички или меки вештини се покажаа како клучни за вашиот успех, и како ги стекнавте или усовршивте?

“Сите вештини кои сум ги стекнал некако спаѓаат под лицето на дисциплината која всушност е главното делче од цела таа сложувалка. Прецизност, навременост, харизматичност, трпение, емоционална интелигенција потребна за брзо и ефективно справување со стрес и притисок, љубезност, истрајност, калкулации, организација на време. Достапност и флексибилност, поради динамиката на работата и не рутинското секојдневие и честите промени на дестинација, работни саати, поместување на закажаните термини за истовар/товар итн. Техники и вештини кои се стекнуваат со време, искуство и лично и пренесено од ментори или други возачи кои ова го работат веќе неколку децении“.

Како ги искористивте релациите и мрежите, како во македонската заедница, така и надвор од неа, за да создадете можности за личен и професионален развој?

„Како што кажав, моите родители се тука дојдени без да познаваат никој и се што постигнале до сега, било без помош од внатрешната или надворешната заедница. Македонската комуна тука ми помогна само во раниот социјален развој, како новодојденец во странска држава без пошироката фамилија и друштво, за полесно да се вклопам во новото општество“.

Со оглед на напорната природа на професијата возач на камион, како успевате да ги усогласите професионалните обврски со личните приоритети, и што научивте од тоа искуство?

„За жал покрај сите финансиски предности кои ги овозможува оваа работа, на заден план ги става личните приоритети и покрај моите големи напори да го променам тоа. Едноставно работата бара огромна посветеност, дисциплина и нема простор за персоналниот живот да прејде во некоја константна рутина. Секоја недела не изгледа исто, секој викенд не е загарантиран, секој роденден, Нова година, празник и одмор немаат точен датум и слободното време не може многу однапред да се планира. Но, секогаш има место за подобрување ако се има желба, па затоа секој слободен миг, јас лично гледам да го поминам со саканите и да биде исполнет со активности резервирани за нив. Затоа што на крајот на денот, се ова го правиме за подобра, посветла и полесна иднина за сите нас“.

Според вашето искуство, кои практични совети би им ги понудиле на имигрантите кои не само што сакаат да опстанат, туку и да напредуваат во странска земја?

„Според мене, каде било и да си во светот, доколку сакаш да си успешен и да напредуваш постојано, главните компоненти се истрајност и многу напорна работа. Во кое поле и да си, потребно е јасно да ги замислиш своите цели, краткотрајни-долготрајни, да бидеш дисциплиниран, да имаш многу трпение и доколку вложиш искрен труд, постепено ќе го достигнеш посакуваниот успех и ќе просперираш.

Како го одржувате вашиот македонски идентитет додека се интегрирате во канадската култура и градите живот таму?

„Социјалниот живот меѓу Македонската комуна е доста развиен во Торонто, бидејќи тука имаме голема Македонска Дијаспора. Една од Македонските Цркви, поточно Св. Климент Охридски, до којашто живеам релативно блиску, постојано организира свечености и настанати од типот на: празници, панаѓури и концерти, како на пример посетата на Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд, кои направија незаборавна забава на која присуствуваа повеќе од петстотини гости. Исто така секоја година се слави Илинден. Се организира голем пикник кој трае три дена, цел викенд, на кој има Македонска музика, јадење, пиење, можат да се купат сувенири итн. Овој настан го посетуваат многу Македонци, не само од Канада, туку и од Америка.

Како го дефинирате успехот во вашиот личен и професионален живот, и како ја замислувате следната фаза од вашето патување?

„За личен успех, верувам дека сè уште не сум компетентен да зборувам, затоа што според мене, највисоко ниво на личен успех е, да се оствариш како родител. На професионално ниво, успех е да се стигне до посакуваната цел, дали тоа била финансиска или некоја цел во кариерата, чесно и да се биде почитуван во полето во коешто работиш.