Италијанците на нозе: Неколку години ја канел да излезат, а потоа ја убил!
Еден очевидец на убиството на студентката Сара се обидел да го спречи нападот, но убиецот успеал да побегне.
Бруталното убиство на 22-годишната студентка Сара Кампанела, која среде бел ден во Месина, на Сицилија, беше избодена од маж што со години ја прогонувал, предизвика револт низ цела Италија.
Според италијанските медиуми, Кампанела вчера попладне била нападната на улица од 27-годишниот Стефано Аргентино, познаник кој, според обвинителството, „упорно и повеќепати ја вознемирувал“ откако пред две години почнала да студира.

Врискала додека ја бодел со нож
Сведоците раскажале дека виделе како мажот ѝ се приближува и повеќепати ја прободува со нож додека таа се обидувала да избега, викајќи: „Пушти ме, престани, пушти ме!“ Минувач кој ги слушнал нејзините крици се обидел да го стигне напаѓачот, но тој успеал да избега.
Кампанела починала на пат кон болницата, а Аргентино бил уапсен неколку часа подоцна во Ното.

„Невозвратената љубов не е и никогаш не може да биде оправдување за ваков чин“
Нејзиниот брат, во потресно телевизиско обраќање, изјави дека „невозвратената љубов не е и никогаш не може да биде оправдување за ваков чин“, додека нејзината мајка на Фејсбук напиша дека нејзината ќерка „храбро верувала дека ’не‘ е доволно“. Таа ги повика сите во вакви ситуации веднаш да се обратат во полиција.
„Сакаше да му се насмевне“
Обвинителот на Месина, Антонио Д’Амато, изјави дека Кампанела никогаш не го пријавила прогонителот затоа што не сметала дека неговите постапки се закана. Сепак, тој додаде дека осомничениот „често ја нервирал“, се обидувал да ја убеди да излезе со него и не го прифаќал одбивањето.
Во еден момент, нејзин пријател морал да интервенира затоа што Аргентино „бил фрустриран што Сара повеќе не му се насмевнува“. Малку пред нападот, Кампанела им испратила порака на пријателите: „Тоа ѓубре пак ме следи.“
Адвокатот на Аргентино изјави дека неговиот клиент го признал злосторството, но не дал објаснување зошто го сторил тоа. „Не можам да кажам дали чувствува каење, затворен е во себе“, рекол адвокатот за новинската агенција АНСА.

Италијанците во шок: 11 жени убиени од почетокот на годината
Убиството на Сара Кампанела предизвика бран бес и тага во Италија, каде што од почетокот на годината се убиени 11 жени. Убијците најчесто се нивните партнери, бивши партнери или прогонители. Јавноста сè уште го памети случајот на Џулија Чекетин, девојка убиена минатиот ноември, чиј татко изјави: „Цели генерации мажи не прифаќаат одбивање.“
Реагираше и поранешната министерка Мара Карфања: „Жените и натаму ги убиваат оние што не прифаќаат ’не‘. Ни треба колективен бунт против оваа култура на смрт.“
Само два дена по смртта на Сара, италијанските медиуми објавија уште една застрашувачка вест – телото на 22-годишната Иларија Суле било пронајдено во куфер во Рим, а нејзиниот бивши дечко го признал убиството.