Кејт Мидлтон објави дека има рак и е во рана фаза на лекување: „Беше голем шок“
Принцезата од Велс Кетрин Мидлтон објави дека е во рана фаза на лекување откако и е дијагностициран рак.
Таа во видео изјава рече дека тоа е „голем шок“ за неа по „неверојатно тешки месеци“, па испрати позитивна порака.
„Добро сум и секој ден станувам се посилна“, рече таа.
Детали за болеста не се откриени, но Кенсингтонската палата вели дека е уверена дека принцезата целосно ќе закрепне, пишува Би-би-си.
Според нејзината изјава, кога во јануари направила операција на стомакот, не се знаело дека има рак.
“Сепак, тестовите по операцијата покажаа дека ракот е присутен. Затоа мојот медицински тим ме советуваше да поминам превентивен курс на хемотерапија и сега сум во рана фаза на тој третман”, изјавила Кејт Мидлтон.
Таа додаде дека нејзините мисли се со сите заболени од рак и додаде: „На сите кои се справуваат со оваа болест, во која било форма, не губете верба или надеж. Вие не сте сами“.