ВестиПопуларно

„Колку пари сакаш за Марија?“ – Тажната приказна за познатата дама што нејзината родена мајка ја подведувала – приказна од која ќе се наежите

Љубовната приказна на оперската пејачка Марија Калас и грчкиот милијардер Аристотел Оназис со децении ја привлекуваше вниманието на јавноста и ги фасцинираше луѓето, бидејќи станува збор за една од најбурните љубовни приказни на сите времиња.

На 81. Филмски фестивал во Венеција премиерно беше прикажан филмот „Марија“, за животот на оперската дива, во кој главната улога ја толкуваше Анџелина Џоли.

Детството на Марија Калас – болка, експлоатација и тага

Марија е родена во Њујорк на 2 декември 1923 година, во семејство на грчки емигранти кои ѝ го дале името Марија Ана Сесилија Софија Калогеропулос. Нејзините родители, Јоргос и Евангелина, беа заглавени во несреќен брак и веќе имаа ќерка, Џасинта (Џеки). Нивниот првороден син, Василис, починал кога имал само две години.

Родителите никогаш не ѝ покажале љубов и внимание на Марија. Но, кога нејзината мајка Евангелина го забележала нејзиниот музички талент, почнала да ја искористува својата ќерка.

– Од мојата петта година, во периодот кога требаше да си играм и да уживам, морав да пеам и да заработувам. Никогаш нема да ѝ простам на мајка ми што ми го украде детството – изјавила некогаш Марија Калас.

Ниту односот со татко ѝ не бил подобар. Еднаш ѝ напишал писмо во кое лажно тврдеше дека умира во болница за сиромашни, само за да извлече пари од неа, а всушност бил само полесно болен.

– Уморна сум од себичноста на моите родители и нивната рамнодушност кон мене. Не сакам да имам никаква врска со нив – напишала Калас со огорченост.

Кога Марија имала 14 години, бракот на нејзините родители се распаднал, а таа со мајка си и сестра си се преселила во Грција. Но, животот во Грција за неа станал пекол за време на германската окупација во Втората светска војна. Мајка ѝ ја принудувала, заедно со сестра ѝ Џеки, да се подведуваат на германски и италијански војници за да заработат за храна.

Нејзиниот извонреден, но необучен пејачки талент ѝ овозможил место на Државниот факултет, а по Втората светска војна се вратила во Њујорк наместо да продолжи да студира во Италија. Но, таму не останала долго. Наскоро отпатувала за Италија со сè што имала спакувано во еден куфер.

Бракот со Џовани Менегини – кариера без страст

По пристигнувањето во Италија, го запознала Џовани Батиста Менегини, богат индустријалец кој ѝ помогнал да стане ѕвезда. Тогаш Марија не личела на иконата која светот ја памети – имала речиси 100 килограми, округло лице и крупни гради. Но, Менегини во неа видел нешто посебно.

Тој ѝ понудил финансиска поддршка додека студирала пеење, а две години подоцна се венчале.

Марија се омажила во 1949 година за овој 27 години постар човек, кого го опишувала како тивок и воздржан, но и како човек кој ѝ бил најдобар пријател и имал татковска улога во нејзиниот живот. Во нивниот брак недостигала страст, што можеби ја натерало Марија да бара љубов на друго место.

Со тек на време, ослабела над 30 килограми и почнала да ги освојува светските оперски сцени. Нејзината уметност ги доведувала гледачите до екстаза, но нејзиниот глас понекогаш знаел да трепери, а техничките недостатоци ѝ носеле и критики. И покрај тоа, салите биле распродадени – дури и оние што ја мразеле, сакаа да ја видат.

Судбоносната средба со Оназис – љубов што ја уништи

Марија веќе била прогласена за најголема оперска пејачка на сите времиња кога во 1957 година го запознала Аристотел Оназис.

Во тоа време сè уште била во брак со Менегини, но врската со Оназис брзо прераснала во афера. За неа организирал забава што ја оставила без здив, но љубовта со него ја засени нејзината музичка кариера.

Таа го молела сопругот за развод, а Менегини бил бесен и го обвинил Оназис за распадот на нивниот брак. Оназис без срам му понудил пари за својата љубовница:

– Колку сакаш за Марија? Пет или десет милиони?

Иако се развел во 1960 година, никогаш не ѝ понудил брак. Наместо тоа, често ја навредувал и омаловажувал.

– Запомни, драга, ти не си ми жена, ниту домаќинка. Ти си само гостинка, како пејачка од ноќен клуб со свирка во грлото – ѝ велел.

Кога останала бремена, реагирал ладно:

– Веќе имам две деца. Зошто би ми требало уште едно?

Марија тајно родила син, кој живеел само неколку часа. Го нарекла Омера Ленгрени и го погребала во Милано. Губењето на детето и болната врска со Оназис ѝ ја уништиле кариерата.

Трагичниот крај на една оперска легенда

Во 1968 година, Оназис ја оставил и се оженил со Џеки Кенеди.

Година подоцна, нивната романса накратко се обновила, но кога тој заболел, повторно ја одбил. Пред смртта во 1975 година, ја повикал:

– Сакам таа да дојде.

Марија останала покрај неговиот болнички кревет цела ноќ.

По неговата смрт, таа се повлекла во својот стан во Париз, осамена и скршена. Гласот ѝ попуштал, а психичките проблеми и физичката слабост ја натерале да живее од алкохол и апчиња за спиење.

Марија Калас починала од срцев удар во 1977 година, на само 54 години – една трагична кралица на операта, заробена во сенката на една непрежалена љубов.