ВестиПопуларно

Конечно решена мистеријата за таинственото исчезнување на бизнисменот и неговото семејство во езерото: Се колнеше во сигурноста и брзината на бродот, но ги снајде трагедија

Истражувачите конечно го открија последното почивалиште на историскиот брод од „Позлатената ера“, „Вестерн Ризерв“, со што беше затворено поглавјето на мистеријата стара повеќе од еден век.

Овој пароброд исчезнал за време на летно крстарење во езерото Супериор во 1892 година, носејќи ги во смрт сопственикот и бродоградителски магнат Питер Џ. Минч, неговото семејство и речиси сите 27 патници, освен еден преживеан, пренесува „USA Today“.

Остатоците на бродот останаа неоткриени 132 години, сè до летото 2024 година, кога тим од Историското друштво за бродоломи во Големите езера го пронајде потонатиот брод на длабочина од 183 метри, недалеку од брегот на Горниот полуостров во Мичиген. Неговата локација официјално беше објавена на 10 март на годишната конференција „Ghost Ships“ во Манитовок, организирана од Здружението за подводна археологија на Висконсин.

Симбол на оптимизам и технолошки иновации

Слично како што беше „Титаник“ неколку години подоцна, „Вестерн Ризерв“ во 19. век бил револуционерен брод. Наречен „Сивиот хрт на внатрешните води“ поради неговата брзина, бил првиот брод на Големите езера целосно изработен од челик.

Со должина од 91 метар, ова инженерско чудо не било само пловило, туку и симбол на неограничениот оптимизам на таа епоха. Бил дизајниран за рекордно брз транспорт на товар, но неговата судбина трагично се прекинала.

Во август 1892 година, сопственикот капетан Питер Џ. Минч со своето семејство се качил на летно крстарење, верувајќи дека пловат на „најбезбедниот брод на светот“. Нивниот план бил да патуваат низ езерото Хјурон до Минесота.

„Тешко е да се замисли дека Питер Минч очекувал какви било проблеми кога ја покани својата сопруга, двете мали деца и сестрата на својата жена со нејзината ќерка на крстарење со ’Вестерн Ризерв‘“, изјави Брус Лин, извршен директор на Историското друштво за бродоломи во Големите езера. „Ова само покажува колку Големите езера можат да бидат опасни во секое време од годината.“

Трагедијата во Белиот рибји залив

Нивното патување течело без проблеми сè до вечерта на 30 август, кога во Белиот рибји залив (Whitefish Bay) во езерото Супериор се појавиле силни ветрови. Бурата била толку моќна, што дури и цврстиот челичен труп на бродот почнал да попушта.

Бродот бил осуден на пропаст, на 96 километри од брегот.

Без друг избор, 27-те патници во паника се качиле во два спасувачки чамци – еден дрвен и еден челичен. За жал, металниот чамец веднаш се превртел, потопувајќи ги сите во ледените бранови.

Во дрвениот чамец биле Минч со семејството, кормиларот Хари В. Стјуарт и уште еден член на екипажот. По десет часа борба со водата и ветрот, чамецот се превртел на помалку од два километри од брегот. Единствено Стјуарт успеал да доплива до копното и да ја раскаже приказната за катастрофата.

„Да не беше Хари Стјуарт, денес немаше да знаеме ништо за ’Вестерн Ризерв‘“, изјави Лин.

Откривање на олупината по 132 години

Локацијата на олупината останала мистерија до летото 2024 година, кога по двегодишна потрага, директорот на морските операции на GLSHS, Дарил Ертел, и неговиот брат Ден, забележале сенка на потонатиот брод со помош на сонар на истражувачкиот брод „Дејвид Бојд“.

„Снимавме со сонар половина километар на секоја страна и одеднаш фативме мала сенка на левата страна“, изјави Дарил. „Беше многу мала, но кога ја измерив, добив висина од 12 метри.“

Кога повторно го скенирале местото, забележале товарни отвори и дека бродот е преполовен – едниот дел потпрен врз другиот.

„Сфативме дека сме на вистинскиот траг кога ја измеривме должината на двата дела – секој беше долг 46 метри, што е точно половина од вкупната должина на ’Вестерн Ризерв‘“, додаде Ертел.

Две далечински управувани подводни летала го потврдиле откритието, снимајќи ги скршените остатоци на славниот брод на дното на езерото.

„Само замислувањето како овој брод настрадал среде бура, далеку од брегот, ми предизвикува морници“, призна Дарил. „Бура може да се појави одеднаш … каде било и било кога.“

Лин нагласи колку Големите езера се опасни – тие се дом на околу 6.000 бродоломи, во кои загинале 30.000 луѓе.

„Секој бродолом има своја приказна, но некои едноставно се потрагични од другите.“ – заклучи Лин.