Лимузина од возниот парк на Путин крената во воздух: Експлозија во центарот на Москва ги шокираше сите, кружат снимки
Една од лимузините од возниот парк на рускиот претседател Владимир Путин експлодирала и се запалила во Москва, пренесува британскиот The Sun.
Според извештаите, Путин наредил детална проверка на канализацијата и наградување на неговите телохранители по инцидентот.
Лимузината Aurus, која припаѓа на „официјалниот возен парк“ на рускиот лидер, била крената во воздух во силна експлозија северно од седиштето на тајната служба ФСБ во Лубјанка.
Снимки од местото на настанот
На видеата кои кружат на социјалните мрежи се гледа дека пожарот започнал во моторот на Aurus Senat, чија вредност е околу 275.000 фунти, а потоа се проширил во внатрешноста на возилото.
Работници од блиските ресторани и барови веднаш излегле на улица обидувајќи се да помогнат додека пристигнат пожарникарските екипи.
Шокираните очевидци сведочеле како густ, црн чад излегува од предниот дел на уништеното возило, додека огнот продолжил да беснее. На снимките се забележува и оштетување на задниот дел на автомобилот.
Сè уште не е познато кој го користел возилото
Официјалните извештаи не откриваат кој во тој момент се возел во автомобилот, за кој се верува дека е во сопственост на претседателскиот оддел за управување со имот.
Засега не е познато што го предизвикало ненадејниот пожар, но според достапните информации, лицата кои биле во возилото не се повредени.
Познато е дека Путин редовно користи автомобили од руска продукција, а истата ваква лимузина му подари и на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.