Луѓе без минато и иднина: Племе во кое не постојат зборови за вчера и утре
Шампионите на „mindfulness“, или „живеењето во моментот“ можат да се пронајдат во Аризона, каде што живеат Пуебло Индијанците Хопи. Додека повеќето луѓе во своите јазици имаат изрази за денес, утре и вчера, како и имиња за минути, денови и часови, Хопите немаат такви зборови во нивниот говор.
Хопскиот јазик прави разлика помеѓу она што постои или се случило и она што сè уште не се случило. Тие го гледаат времето како континуирана состојба на постоење. За нив, целиот универзум е едно големо „сега“. Бидејќи јазикот ја обликува мислата, нивниот светоглед се заснова на континуитет, а не на одвојување. Времето не е нешто што нервозно го одбројуваат; тоа едноставно е – рај за сите оние кои се борат со доцнење.

Според традициите на Хопите и археолошките истражувања, нивните предци ја населувале висорамнината Колорадо илјадници години, а со текот на времето им се придружиле имигрантските семејства од различни региони. Се верува дека хопското село Орајви е најстарото постојано населено место во Соединетите Држави, со историја подолга од илјада години. Хопите со векови живееле во овој крај, и иако нивната култура се менувала, нивните основни вредности и идентитет останале исти.

Денес, ќе ги најдете во дванаесет села лоцирани во висорамнините на северна Аризона, а повеќето се занимаваат со земјоделство. Основата на нивната исхрана се пченката, гравот и тиквата, а интересно е што не користат системи за наводнување за своите посеви, туку дождовница.

Името Хопи е кратенка од „Hopi’sinom“, што значи „луѓе кои живеат на правилен начин“. Да се биде Хопи подразбира почит и ценење за сè што постои и е длабоко вкоренето во религијата, духовноста, моралот и етиката. Хопите се една од ретките групи на домородните Американци кои, и покрај бројните историски и современи предизвици, успеале да ја зачуваат својата култура.