Вести

Макрон повторно ја разгорува ситуацијата: “Јас сум претседател, јас кажувам што ќе правиме”

„Ако Русија победи во оваа војна, кредибилитетот на Европа ќе се намали на нула“, рече Емануел Макрон.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Европа треба „да се подготви за војна ако сака мир“, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин „е противник кој нема да застане во Украина доколку победи“.

„Ако Русија победи во оваа војна, кредибилитетот на Европа ќе се сведе на нула“, рече Макрон во интервју за француските ТВ канали TF1 и France 2, пренесе Ројтерс.

Тој нагласи дека Европа не треба да повлекува црвени линии кои, како што наведе, ќе ја поттикнат Русија да продолжи со инвазијата на Украина.

На прашањето за потенцијалното испраќање на западни трупи во Украина, францускиот претседател повтори дека таа опција не треба да се исклучи.

Сепак, тој изјави дека моменталната ситуација не бара таков чекор.

Денеска не сме во таква ситуација, но можни се сите опции“, изјави францускиот претседател.

Макрон нагласи дека Франција никогаш нема да започне офанзива против Русија и дека Париз не е во војна со Москва, и покрај фактот, како што рече, дека Русија започнала агресивни напади врз француските интереси во Франција и во странство.

Тој додаде дека Украина е во „тешка“ ситуација на теренот, поради што и е потребна посилна поддршка од нејзините сојузници.

Макрон изјави дека се надева дека еден ден ќе дојде време за мировни преговори со рускиот претседател „кој и да е“.

Францускиот претседател минатиот месец рече дека земјите кои ја поддржуваат Украина не треба да ја исклучат опцијата за испраќање на свои војници на фронтот.

Неговата изјава предизвика низа одговори од сојузниците кои најавија дека немаат намера да испраќаат војници во Украина.