Малиот Емил (2) исчезнал, па бил пронајден мртов, а сега случајот доби неочекуван пресврт: Уапсени луѓе за кои најмалку се очекувало!
Мистериозната смрт на малиот Емил Солеј (2) ја потресе Франција, а сега доби неочекуван пресврт.
Полицијата ги уапси дедото и бабата на детето од мајчина страна, како и уште двајца роднини, под сомнение дека го убиле Емил. Тие се обвинети за убиство со предумисла и прикривање на телото.
Денес, полицијата изврши претрес во куќата на бабата и дедото на Емил, а исто така го заплени и нивниот автомобил.
Малиот Емил исчезна на 8 јули 2023 година во селцето Ле Верне, на југот на Франција, каде што бил на одмор кај бабата и дедото. Според нивните тогашни изјави, си играл во дворот.
Семејството се подготвувало да се врати дома, а неговото исчезнување прво го забележале бабата и дедото, кога отишле да го сместат во автомобилот. Родителите на детето во тој момент не биле присутни. Потрагата траеше пет дена, но без успех, по што детето беше прогласено за исчезнато.
Девет месеци подоцна, планинар ја пронајде детската черепна коска и заби на околу километар и половина од селото. Подоцна, полицијата пронајде и дополнителни коски и делови од облеката на детето. Обвинителот тогаш изјави дека причината за смртта може да биде пад или убиство.
Француските медиуми внимателно го следеа случајот, а фокусот беше насочен кон дедото на Емил, кој во 1990-тите бил испитуван за обвиненија за насилство и сексуално злоставување во едно приватно училиште.

По детална истрага, утрово беа уапсени бабата и дедото на Емил, што може да значи потенцијално решавање на овој долго нерешен случај.
Уапсените се Филип Ведовини и неговата сопруга, кај кои Емил престојувал во моментот на исчезнувањето, како и уште двајца нивни роднини, кои, според медиумите, се постари внуци на брачниот пар. Главниот обвинител соопшти дека тие се приведени под сомнение за убиство со предумисла.
Истрагата во последните месеци вклучуваше детална претрага на теренот и собирање на нови докази, што доведе до апсењата. Форензичката полиција во моментов истражува неколку локации во областа, во потрага по дополнителни докази.
На погребот на малиот Емил во февруари оваа година присуствуваа стотици луѓе. По церемонијата, бабата и дедото издадоа соопштение во кое наведоа дека „времето на молкот мора да биде заменето со време на вистината“, додавајќи дека семејството мора да знае што навистина се случило.
Првично, истрагата се фокусираше на 16-годишен фармер, кој се сомничеше дека удрил со трактор врз детето и го скрил телото.
Минатата година, тој бил испрашуван од полицијата, но немало конкретни докази против него.