ВестиПопуларно

Миа едвај се избави од канџите на заробеништвото, па доживеа нов ужас: Нејзиниот најголем страв се оствари – во нејзиниот дом!

Миа Шем тренирала во неговото фитнес студио во Тел Авив само три пати пред нападот, кој, според неа, се случил во нејзиниот стан.

Девојка од Израел, која беше меѓу киднапираните заложници од страна на Хамас, тврди дека по враќањето дома била дрогирана и силувана од познат личен тренер, пренесува “The Times”. Мајката на Миа, Керен Шем, изјавила дека по тој напад, нејзината ќерка е во полоша психичка и физичка состојба отколку кога била во заробеништво.

Миа Шем (23) за израелската телевизија “Channel 12″ раскажала дека инцидентот се случил во нејзиниот стан.

„Ова беше мојот најголем страв – уште пред заробеништвото, за време на него, и на крај – се случи токму дома, на местото што требаше да биде најбезбедно“, изјавила.

„Сакав да ја кажам вистината – дека бев злоупотребена. Минатиот месец доживеав нешто што ме натера да се затворам дома, психички да се распаднам и повторно да бидам повредена.“

Осомничениот негира силување

Осомничениот, познат инфлуенсер и личен тренер во своите триесетти години, не е јавно именуван, но бил уапсен во март поради сомнение за сексуален напад. Според израелските медиуми, тој тренирал бројни познати личности, вклучувајќи поранешен премиер на Израел.

Миа тренирала во неговото студио само три пати пред наводниот напад, кој се случил во нејзиниот стан. Тренерот негира какво било сексуално насилство, но наводно признал дека неколку пати влегувал во нејзината соблекувална додека се пресоблекувала. Израелската полиција соопшти дека е пуштен на слобода поради недостиг на докази, но истрагата сè уште трае.

Миа беше меѓу стотиците лица киднапирани на 7 октомври 2023 година за време на нападот на музичкиот фестивал Нова, во близина на границата со Појасот Газа, каде беа убиени над 300 лица. По нејзиното ослободување во ноември, изјави дека еден милитант ја допирал на непристоен начин, но престанал кога викнала.

„Предложи да ме поврзе со продуцент кој ќе ја сними мојата приказна“

Тврди дека тренерот ѝ предложил да ја поврзе со холивудски продуцент кој би направил филм за нејзината приказна од заробеништвото.

„Пишувам книга, и по сè што преживеав, има многу луѓе кои сакаат да ја искористат мојата приказна. Тој предлог ми звучеше сосема нормално“, изјавила. Но, тренерот се појавил сам – без никаков продуцент.

„Не се сеќавам на ништо од моментот кога влезе“

„Не се сеќавам на ништо од моментот кога влезе“, раскажува таа, додавајќи дека подоцна сфатила дека била дрогирана, бидејќи делумно ѝ се враќале слики од нападот.

„Моето тело памети. Ја почувствував таа траума. Знам дека поминав низ нешто ужасно.“

„Во заробеништвото бев повредена, но преживеав“, рече Шем.

„Овој настан ми беше најмалку потребен. Ми треба момент на мир, за барем да се обидам да се соберам. Уште не сум се соочила со тоа што ми се случи таму.“

Нејзината мајка, Керен Шем, за медиумите изјави:

„Кога се видовме по нападот, не престануваше да плаче. Беше скршена, неутешна. Ја познавам својата ќерка, поминавме низ многу тешки моменти заедно, но тогаш за првпат видов целосно скршено човечко суштество. Се врати од заробеништво во тешка состојба, но ова … ова е уште полошо.“