МИР на црно море! За што се договорија Америка, Русија и Украина: Путин имаше голем број услови, еве што ке добие!
САД постигнаа договор со Украина и Русија за прекин на огнот на Црното Море и ветија напори за запирање на меѓусебните напади врз енергетската инфраструктура, а Вашингтон вети и дека ќе се обиде да укине некои финансиски санкции против Москва.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека прекинот на огнот на Црното Море ќе стапи на сила веднаш и дека ќе побара од американскиот претседател Доналд Трамп да му даде оружје и да ја санкционира Русија доколку Москва го прекрши договорот.
„Американската страна верува дека нашите договори стапуваат на сила откако ќе бидат објавени од американската страна“, рече Зеленски на прес-конференција во Киев, додавајќи дека не верува оти Русија ќе го почитува договорот.
Зеленски предупреди дека договорот не предвидува преземање чекори во случај Русија да го прекрши и дека ќе се жали директно до САД доколку тоа се случи. „Ние воопшто не им веруваме на Русите, но ќе бидеме конструктивни“, рече тој.

Руски услови
Кремљ објави дека Москва се согласила да обезбеди безбедна пловидба во Црното Море, под услов западните санкции против компаниите кои се занимаваат со извоз на земјоделски производи и ѓубрива да бидат укинати.
Русија и САД, исто така, се согласија да разработат мерки за запирање на нападите врз руската и украинската енергетска инфраструктура на 30 дена. Кремљ, исто така, потврди дека САД се согласиле да помогнат во обновувањето на пристапот на Русија до светскиот пазар за извоз на земјоделски производи и ѓубрива, но со голем број услови.
За да се имплементираат двата дела од договорот, западните санкции врз руската банка Роселхозбанк, која се занимава со земјоделски претпријатија, ќе мора да бидат укинати и да и се врати пристапот до SWIFT.
Ќе мора да бидат укинати санкциите наметнати на руските извозници на земјоделски производи и ѓубрива и осигурителни компании, за одржување на бродови во пристаништата и ограничувањата на бродовите и трговските плаќања, објави Кремљ.

Безбедност на навигацијата
САД претходно објавија дека склучиле одделни договори со Украина и Русија за да се обезбеди безбедна пловидба во Црното Море и да се спроведе забрана за напади врз енергетски објекти во двете земји.
Двете земји се согласија дека „на Црното Море ќе се гарантира безбедноста на навигацијата, дека ќе се воздржат од употреба на сила и дека ќе спречат употреба на комерцијални бродови за воени цели“, соопшти американската влада, која дејствуваше како посредник во преговорите.
Кога станува збор за Украина, САД исто така се обврзуваат да ги „поддржат напорите насочени кон размена на затвореници, ослободување на цивили и враќање на насилно раселените украински деца“.

Продолжение на разговорот
За време на разговорот, САД „повторија дека претседателот Доналд Трамп безусловно сака да стави крај на загубата на животи на двете страни“. Вашингтон „ќе продолжи да организира преговори меѓу двете страни со цел на крајот да се постигне мирен исход“, се наведува во соопштението за печатот.
Во соопштението, американската администрација му се заблагодари на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, во чија земја се водеа преговорите. Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров рече дека Киев ги поддржува двата договори за прекин на огнот со Русија објавени од САД во вторникот и дека Украина ќе ги поздрави третите земји кои го следат спроведувањето на договорот.
Во објава на Х, Умеров напиша дека Украина ќе го смета секое движење на бродови на руската морнарица надвор од источниот дел на Црното Море како кршење на договорот и дека доколку се случи такво нешто, ќе си дозволи право на самоодбрана. Во изминатите два дена САД водеа одвоени преговори за војната во Украина со украинската и руската делегација во Саудиска Арабија.