ВестиПопуларно

Мистично село во кое не смее да се влезе по зајдисонце: На влезот посетителите ги дочекува предупредување

Индија е земја на приказни. Во неа живеат милиони народни легенди и митови, во кои сè уште веруваат многу луѓе. Едно од најмистериозните места во земјата е тврдината Бхангар, за која се верува дека е населена со духови. Ова е заштитен споменик под надзор на Археолошкиот институт на Индија (ASI), што е и причината зошто престојот таму по зајдисонце е забранет, пренесува Punkufer.

Според зборовите на чуварите – духови нема. Сепак, по зајдисонце понекогаш навлегуваат љубопитни посетители кои сакаат лично да се уверат како изгледа ова место, и покрај тоа што влезот е противзаконски. Нивните искуства често се споделуваат на форуми и блогови, тврдејќи дека чуварите ги пуштиле во замена за мито. За ноќна посета, потребна е посебна дозвола од индиските власти.

Ако патот ве однесе во овој крај на Индија, Бхангар се наоѓа на 78 километри од Џајпур. Може да изнајмите такси – најдобро со резервна гума, бидејќи патиштата не се во најдобра состојба. Тврдината е сместена помеѓу Џајпур и Алвар, во индиската сојузна држава Раџастан. Иако е во урнатини, местото зрачи со магија поради тивкото и зелено опкружување, а напуштените остатоци сведочат за некогашното величествено кралство што го изградил Мадхо Синг, помладиот брат на славниот генерал Ман Синг.

Сеќавања на минатото

Познавачите велат дека пејзажот што води до тврдината е пуст и беспокоен, и предизвикува чудно чувство – но не и присуство на духови. Сепак, локалните преданија зборуваат за исчезнати луѓе и чудни звуци што се слушаат од урнатините. На самиот влез, посетителите ги дочекува предупредувањето од Археолошкиот институт на Индија:

„Влегување во Бхангар пред изгрејсонце и по зајдисонце е строго забрането.“

Главниот влез води низ остатоците од стариот град, а во рамките на ѕидините се наоѓаат урнатини од палати, храмови и напуштени пазари.

Мештаните веруваат дека оние кои влегле во тврдината по мрак – никогаш не биле пронајдени. Една од легендите зборува за моќен волшебник кој забранил која било куќа во Бхангар да биде повисока од неговата. Ако сенката паднела врз неговиот дом – градот ќе бил уништен. Внукот на Мадхо Синг, Ајаб Синг, го игнорирал предупредувањето и изградил висока градба. Сенката паднала врз куќата на волшебникот – и градот исчезнал.

Според друга верзија на легендата, истиот волшебник бил вљубен во принцезата Ратнавати. Еден ден, тој го заменил нејзиниот парфем со напиток што требало да ја натера да се заљуби во него. Ратнавати ја открила измамата и го фрлила садот со напитокот на камен, кој се отркалал и го усмртил волшебникот. Пред да умре, тој го проколнал целиот град, изјавувајќи дека Бхангар ќе биде уништен и дека таму никогаш повеќе никој нема да може да живее.