Мис Балкан загинала додека бегала од полицијата
Весникот Sabah пренесува дека Гулер Ердоган „консумирала алкохол и се забавувала со пријателите“ за време на прославата на празникот.
Гулер Ердоган, 27-годишна манекенка и носителка на титулата Мис Балкан 2022, трагично го загуби животот додека, според пишувањата на Sabah, се обидувала да побегне од полицијата во Турција.
За време на празникот Рамазан Бајрам, Гулер престојувала во градот Гиресун, каде што, според извештаите, во еден момент била забележана како неподвижно лежи на крајбрежниот пат.

Минувачи веднаш ги алармирале службите за итни случаи, а по доаѓањето на полицијата и брзата помош, било потврдено дека починала, пренесува Hurriyet.
Инцидентот се случил на крајбрежниот пат на Црното Море, во делот на градот Хаџихусеин. Се претпоставува дека ја удрило возило додека преминувала улица.

Познато е дека Гулер работела како модел и била активна во една манекенска агенција.
Sabah наведува дека полицијата ја запрела, а подоцна било утврдено дека „била во алкохолизирана состојба“. Според нивни извори, таа потоа се обидела да побегне, при што била прегазена од автомобил.

Семејството не дава изјави за медиумите, додека на социјалните мрежи се појавуваат бројни изрази на сочувство.
Полицијата продолжува со истрага за околностите под кои се случила несреќата.
