ВестиПопуларно

Населението на Европа старее – кои земји се „во црвено“

Просечната возраст во Европската унија се зголемила во просек за 2,2 години од 2014 година, а најалармантна е ситуацијата во Грција, Италија, Португалија и Словачка.

Просечната возраст на населението на Европската унија на 1 јануари минатата година достигнала 44,7 години, објави Евростат. Ова значи дека половина од населението на ЕУ на тој датум било постаро од 44,7 години, додека другата половина била помлада.

Низ целата Европска унија, просечната возраст се движела од 39,4 години во Ирска до 48,7 години во Италија.

Во однос на 2014 година, кога просечната возраст изнесувала 42,5 години, таа се зголемила за 2,2 години.

Зголемување е забележано во сите земји на ЕУ, освен на Малта, каде што просечната возраст се намалила за 0,7 години, и Германија, каде што опаднала за 0,1 година.

Според податоците на Евростат, стареењето на населението во последните десет години најизразено е во Грција, Италија, Португалија и Словачка, каде што просечната возраст се зголемила за четири години. Во Кипар, Шпанија и Полска, просечната возраст на населението пораснала за 3,8 години.

Населението на ЕУ кое е родено во рамките на Унијата било во просек две години постаро од населението родено надвор од ЕУ. Просечната возраст на оние родени во Унијата изнесува 45,1 година, додека кај оние родени надвор од ЕУ е 43,1 година.