Научници предвиделе колапс на општеството во 2040 година – досегашните предвидувања се остваруваат
Во 1972 година, научници од реномираниот Масачусетски институт за технологија (MIT) објавиле студија под наслов „Граници на растот“ (The Limits to Growth). Станува збор за проект нарачан од страна на Club of Rome – глобална организација составена од научници, економисти и политичари загрижени за одржливоста на економскиот и демографскиот раст.
Авторите на студијата – Донела Медоус, Денис Медоус, Јорген Рандерс и Вилијам Бехренс III – користеле тогаш револуционерен компјутерски модел наречен World3, со кој симулирале како би се развивале популацијата, индустријата, потрошувачката на ресурси и загадувањето до 2100 година, и како тие меѓусебно би се влијаеле.
Ова истражување било преточено во книга која е преведена на над 30 јазици и продадена во повеќе од 30 милиони примероци.
Колапс во средината на 21 век
Студијата претставува неколку сценарија, во зависност од тоа дали и како човештвото ќе реагира на ограничувањата на растот. Најпознато – и најалармантно – е сценариото „бизнис како и обично“ (BAU), во кое владите и индустриите продолжуваат да се однесуваат како ништо да не се случува. Според тоа сценарио, ако потрошувачката на ресурси, индустријата и населението продолжат да растат експоненцијално, колапсот би можел да се случи помеѓу 2030 и 2050 година.

Што е моделот World3?
World3 е динамички систем за компјутерска симулација кој ги моделира интеракциите меѓу пет клучни фактори: раст на популацијата, индустријализација, загадување, производство на храна и потрошувачка на неисцрпливи ресурси. Со комбинирање на овие податоци, научниците заклучиле дека без драстични промени во глобалната политика и однесувањето, човечката цивилизација неминовно се движи кон колапс.
Моделот е повеќепати надградуван и усовршуван низ децениите.
Што предвиде студијата?
Студијата идентификува неколку клучни фактори кои би можеле да доведат до колапс:
- Исцрпување на ресурсите: Неодржлива потрошувачка на фосилни горива и минерали може да предизвика пад на индустриското производство и економски раст.
- Прекумерно загадување: Натрупување на штетни емисии, вклучувајќи стакленички гасови, може да предизвика климатски промени со сериозни последици за земјоделството и јавното здравје.
- Пренаселеност: Порастот на населението ја зголемува побарувачката за ресурси и услуги, што создава притисок врз екосистемите и инфраструктурата.
- Пад на земјоделското производство: Деградацијата на почвата, губењето на биодиверзитетот и климатските промени може да ја намалат способноста за производство на храна, предизвикувајќи несташици и поскапувања.

Критики и потсмевање
Иако авторите нагласиле дека нивните предвидувања се предупредувања, а не пророчки тврдења, студијата предизвикала жестоки реакции. Додека дел од научната и политичката јавност ја прифатиле сериозно, многу медиуми, бизнисмени и економисти од 1970-тите ја исмејале.
Критичарите тврделе дека моделите се премногу поедноставени и дека не ја земаат предвид човечката иновација и адаптивност. Еден од најгласните критичари бил економистот Џулијан Сајмон, кој тврдел дека поимот „ресурс“ е подложен на промени со текот на времето – како што дрвото, порано основен материјал за изградба на бродови, било заменето со железо.
Позитивни осврти и потврди на студијата
Со текот на времето, студијата добила повторни признанија и потврди. Во 1992 авторите објавиле ново издание – Beyond the Limits, каде повторно укажуваат дека многу од оригиналните проекции се реализираат.
Во 2004 година, објавено е уште едно ажурирање – Limits to Growth: The 30-Year Update – кое покажало дека реалните податоци се движат по најлошото сценарио – BAU. Тие предупредиле дека без крупни промени, колапсот би се случил во околу 2040 година, и оти знаците се веќе присутни.

Навеле примери:
- Нивото на морето се зголемило за 10 – 20 см од 1900 година.
- Повеќето глечери надвор од поларните региони се повлекуваат.
- Арктичкиот мраз сè повеќе се топи секое лето.
- До 1998 година, над 45% од светската популација живеела со помалку од 2 долара дневно, додека најбогатите 20% контролирале 85% од глобалниот БДП.
- До 2002 година, 75% од океанските риболовни области биле на работ на исцрпеност или веќе прекумерно искористени.
- Првата глобална проценка на ерозијата на почвата покажала дека 38% од обработливото земјиште е веќе деградирано.
- Во периодот 1990 – 2001, 54 земји доживеале пад на БДП по жител.
Во 2014 година, Club of Rome објавил нов извештај под раководство на Уго Барди, кој повторно ги потврдил заклучоците, со посебен акцент на исцрпувањето на ресурсите и потребата за циркуларна економија.
Во 2020 година, Гаја Херингтон, економист и експерт за одржлив развој во KPMG САД, спровела независна анализа и покажала дека светот сè уште се движи во насока на BAU сценариото.
Во 2023 година, Арџуна Небел од Техничкиот универзитет во Келн и неговиот тим го ажурирале моделот World3 со податоци до 2022 година. И нивните симулации потврдиле дека човештвото сè уште се движи кон сценарио на пречекорување и колапс.
На крајот, во 2024 година, MIT и LADbible спровеле независни анализи и најсовремените компјутерски модели уште еднаш потврдиле дека, без радикални промени, колапсот околу 2040 година е речиси извесен – со сериозни економски и општествени последици.