Невакцинираните деца нема да може да одат во градинка
Министерот за здравство, Илир Демири ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести (КЗБ) за спречување на ширењето на големата кашлица (пертусис).
Демири ќе донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе му наложи да постапува во согласност со законските надлежности предивидени со Законот за заштита на населението од заразни болести, како и да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена вакцина против големата кашлица.
Министерството за здравство апелира до родителите дека најдобар начин за превенција на голема кашлица е вакцинацијата, затоа треба да ги вакцинираат своите деца. Вакцинацијата против големата кашлица во Македонија се спроведува со комбинирани вакцини: Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB), Pentaxim (DTaP-IPV-Hib) и Tetraxim (DTaP-IPV).
Според календарот за имунизација, првата доза од вакцината се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората на возраст од четири месеци и третата на возраст од шест месеци.
Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.
Вакцината против големата кашлица на препорачанатa возраст на доенчињата го намалува ризикот од сериозна форма на болеста.